Опозициската ДУИ бара во октомври, заедно со локалните избори, да се одржат и парламентарни избори со цел да се постигне долгорочна стабилност во земјата, бидејќи, според нив, владата води погрешни политики. Од друга страна, ВЛЕН тврди дека ДУИ, додека беше на власт, ги партизирала институциите, и најавува победа во сите општини со албанско мнозинство на претстојните локални избори.
ДУИ изразува загриженост за, како што велат, погрешната насока на Владата и во внатрешните политики и на стратешки план. Решението, според интегративците, се предвремени парламентарни избори што би се одржале заедно со локалните избори во октомври.
-На земјата ѝ е потребна долгорочна политичка стабилност што може да се обезбеди само преку одржување на предвремени парламентарни избори заедно со локалните. Тоа ќе овозможи повеќегодишен период без изборни соочувања, давајќи им шанса на политичките елити да започнат длабоки процеси за спас на европската агенда на земјата и искористување на последната можност за враќање на европскиот пат заедно со Албанија и Црна Гора, велат од ДУИ.
Од ВЛЕН велат дека ДУИ се плаши од правдата бидејќи ги партизирала институциите, и дека тие се одговорот на Албанците на, како што велат, „распаднатата“ политика на ДУИ.
-ВЛЕН е во власта за да ја спроведе промената што Албанците гласно ја бараа и нема да застане сè додека секој Албанец не се чувствува слободен, еднаков и достоинствен во својата земја. Во октомври, на локалните избори, ВЛЕН ќе ги освои сите албански општини! ВЛЕН ќе биде присутен во секоја општина, во секоја институција, со чисти раце и чист образ пред граѓаните, велат од ВЛЕН.
Подготвеност за предвремени парламентарни избори изразија и другите партии од Европскиот фронт, како и македонската опозиција. Во меѓувреме, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека владата е стабилна и силна и дека успешно ги исполнува очекувањата на граѓаните.