Опозицијата три дена блокира, власта и натаму молчи за патоказот со Бугарија

Трет ден блокади се одржуваат во Скопје и во девет други градови под мотото „Доста е, излези за Македонија“. Три дена по ред опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ бара власта, пред се премиерот Зоран Заев да го обелоденат патоказот кој тајно се преговара со Бугарија, но и три дена молк од властите нешто поконкретно да кажат за тоа. Никој не знае што Заев и неговиот специјален посредник Владо Бучковски тајно договораат со Софија.

Освен блокади во Скопје и покрај големото невреме, блокада имаше и во Штип. Штипјани од барикадите порачаа; „Стоп за предавствата“!

Пратеникот од ГРОМ, Љупче Пренџов од блокадата во Скопје за медиумите рече дека никој од 120-те пратеници во македонското Собрание не знае што се договара со Бугарија. Тој притоа потенцираше дека и никој не му дал право и мандат на Бучковски да преговара во име на Македонија.

Челните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време алармираат оти се сомневаат дека власта води тајни преговори со Софија и оти на маса го дава македонскиот идентитет и јазик.

Од друга страна, пак, премиерот Заев е на регионален самит во Тирана, каде е и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, а како главна тема е поддршката од ЕУ за создавање „балкански мини шенген“. Дали е ова сигнал дека Македонија на јунскиот самит на ЕУ нема да добие датум за почеток на преговори? И оти Брисел предност му дава на регионалното поврзување отколку на проширувањето?