Општина Аеродром: Ниту едно дрво нема да биде исечено на улицата „Васко Карангелески“

Со градежните активности на улицата ,,Васко Карангелески” која е под целосна надлежност на Град Скопје, останува исполнето ветувањето, дека ниту едно дрво нема да биде исечено, соопшти денеска скопската општина Аеродром.

Таа реагира на денешните обвинувања од страна на СДСМ дека на улицата се сечат дрвјата а со што се изневерија ветувањата кон граѓаните.

-Согласно комуникацијата која Општина Аеродром ја имаше со ЈП ,,Паркови и зеленило” како претпријатие на Град Скопје надлежно за зеленилото на оваа улица, ниту едно здраво дрво покрај улицата ,,Васко Карангелески” нема да биде исечено, туку напротив, неколку здрави дрвја ќе бидат дислоцирани и пресадени во зелениот појас на само неколку метри од локацијата, се наведува во општинско соопштение.

Во него се потсетува дека со првичниот проект на Петре Шилегов и Златко Марин, на оваа улица беше предвидена брутална касапница на зеленилото и сечење на над 100 здрави дрвја.

-Со наша брза интервенција и консултација со сите стручни лица и експерти, се изборивме улицата да биде проширена и реконструирана без притоа да биде исечено ниту едно дрво. Како Општина остануваме посветени на зачувување на постојното зеленило и работиме на обезбедување на дополнителни илјадници квадратни метри зелени површини, наведуваат од Аеродром.

Претходна вестВладата ќе ги едуцира граѓаните како да штедат струја
Следна вестАбази ја презеде функцијата од Русковска, со Бејта случајно се фотографирал