Општина Центар најави акција за отстранување блокатори, се заборави ли на онаа за крпење на дупките?

Скопската општина Центар вчера најави почеток на акцијата за отстранување на паркинг блокатори и ослободување на јавни површини. Првин ќе се спроведат засилени контролни активности, ќе се упати апел до граѓаните и до правните лица кои бесправно ги поставиле блокаторите, а потоа ќе следи и санкционирање.

Секако дека е добро што ќе се спроведе една ваква акција. На повеќе локации во централното градско подрачје се поставени такви блокатори и тоа сосема бесправно. Но, добро ќе биде и акцијата да се спроведе до крај, за да не остане незавршена. А токму една таква минатогодишна акција остана недовршена. Минатиот јули општина истата општина Центар започна со акцијата за санација на оштетени улици односно на т.н „ударни дупки“ во сите населби на општината. Се упати повик до граѓаните да ги пријавуваат дупките, се најави дека општинските служби ќе ги евидентираат оштетувањата на коловозите, се со цел веќе да ги нема опасните дупки.

Но, ете, и по шест месеци ударните дупки уште можат да се видат на подрачјето на централната скопска општина. Така, нашиот објектив, ја забележа големата дупка на улицата „50 дивизија“ по којашто секојдневно поминуваат многу возила при излегувањето од Клиничкиот центар. За жал, таа не е осамена туку има и повеќе други… Кога ќе бидат закрпени и поправени никој не знае. Прашање е дали и акцијата се уште трае. Доколку трае, добро би било да се поправат. А потоа може да се тргне и во отстранувањето на блокаторите…

Претходна вестСпасовски: НАТО не учествува во истрагата за лажните дојави за бомби
Следна вестЕдно лице загина во пожар во куќа во Струмица