Општински презадолжувања излегуваат на површина, имало ли злоупотреби на парите?

Новите градоначалници уверуваат дека се фатиле со работа. Некои почнаа и со изнесување на виделина какви се состојбите во општинските каси. Така, деновиве можеше да се слушне како во општина Ѓорче Петров е затечен долг од четири милиони евра. На седница на Советот на општина Гостивар беше соопштено дека долгот стасал до 5,5 милиони евра. Во вторникот новиот градоначалник на Тетово Билал Касами откри дека на платниот список на општината имало дури и 350 хонорарци од кои дел воопшто и не доаѓале на работа ниту пак се знаело што воопшто работат. Оваа општина, инаку, со преку 11 милиони евра долг е меѓу водечките во земјава по задолженост, а потоа следат Охрид со седум, Карпош со околу пет, Делчево и Струга околу три милиони…

Да се надеваме дека во овој период финансискиот биланс ќе направат и сите други градоначалници за јавноста да дознае од што се стартува во работата како и за тоа на кој начин работеле претходните градоначалници. Тоа е потребно и од причина што најголемиот дел од досегашните градоначалници едноставно си заминаа од фотељите без да поднесат детален отчет за тоа како и колку се трошеле буџетските пари во изминативе четири години. Се најчесто завршуваше или со неподнесувањето или со поднесување на извештаите кои воопшто не беа разбирливи за граѓаните. Оттаму, добро е да се дознае за што се трошени парите и за што се задолжувале општините. Секако и да се види дали имало несоодветно трошење кое е казниво.

Без да се случи тоа, лошата пракса со која само ќе се утврдува која општина колку должи ќе продолжи. Па така ќе биде и на крајот на претстојните четиригодишни мандати. Потоа, пак ќе се бара од државата да ги покрива долговите. Кога ќе има и одговорност за непотребните задолжувања, тогаш и ќе се менува однесувањето на градоначалниците. А со тоа ќе има и ред во трошењето на општинските пари.

Се трошело за градење или за јадење?

Новите градоначалници мора да отидат и чекор подалеку во своите извештаи. Не е доволно само да се констатира дека општината ја наследуваат со толку и толку долг во милиони евра. Треба да се утврди и како се настати толкави долговите, дали за тоа имало оправданост или не. Не е сеедно дали некоја општина се задолжувала со кредит за изградба на некоја улица или канализација или со кредитите се плаќани стотици хонорарци кои што воопшто и не оделе на работа или голем дел од парите се трошеле по угостителски објекти во име на репрезентација. Ако така било, тогаш тоа се граничи со злоупотребите во работата и тоа мора детално да се испита за да некој одговорен потоа биде повикан и на конкретна одговорност.

Претходна вестУбедливи победи на Еуро Никел и Академија ФМП
Следна вестЗдивени возачи царуваат по улиците, полицијата недоволно ги скротува