„Орестија 1/4“ во МКЦ на 22 јануари

„Орестија 1/4“ е претставата за која е резервиран датумот 22 јануари, со почеток од 20 часот, во МКЦ. Таа е дел од The Chorus Project – проект поддржан од Креативна Европа, во копродукција на МКЦ – Скопје, Апстарт театар од Лондон, Патос од Минхен и Театар Ам Ленд од Грац.

Во претставата играат, во улога на Орест – Стефан Вујисиќ, Електра – Наталија Теодосиева, Хороводецот – Жарко Јовановиќ, Клитајмнестра – Драгана Лошкова, Ајгист – Димитрија Доксевски.

„Орестија“ на Ајсхил, (користен превод на македонски од Даница Чадиковска) е една од најважните антички трагедии и единствена зачувана трилогија (Агамемнон, Надгробно жртвување и Евмениди). За прв пат е изведена 458г. пне. само две години пред смртта на Ајсхил, кој умира на Сицилија не „за да го шири урнекот на грчката трагедија” туку конкретно – во политички егзил, зашто со пишувањето на Орестија, каде на крајот се суди на синот што ја убил мајка си и нејзиниот љубовник, за прв пат се зборува за еден важен момент во грчката историја: основањето на Аеропагот – тело кое може донесува политички одлуки – во случајов дали политичките убиства се оправдани.
Драмската предлошка на Орестија 1/4, користи материјали од сите три дела, но најмногу од Надгробно жртвување, конструирана на таков начин каде исти текстови припаѓаат еднакво на Агамемнон, Клитајмнестра и Ајгист, односно Електра и Орест со стихови од античкиот Хор, со цел да ја потенцираат репетитивноста на моќта на владејачката класа која како вирус си го обезбедува владејачкото право во моментот кога ѝ е загрозено.
Другиот дел од нашиот драмски текст, Хорот – претставникот на народот, го сочинуваат документаристички материјали од истражувањето спроведено на работилниците со млади луѓе и авторски текстови на драматургот и уметничкиот тим, со цел конкретно да ја доловат ситуацијата на младиот човек денес, во општества како нашето, и неговата неможност за организирање и делување во демократските процеси, објаснува драматургот Билјана Крајчевска.