Оригинален начин за раст на македонската економија: работници се помалку, фотелји се повеќе

Попразни фабрики – пополни канцеларии

Македонската индустрија и македонската администрација очигледно си одат по различни колосеци, во различни правци и брзини. Посебно во изборните години и предизборните периоди. И оваа година, кога се закажани предвремените парламентарни избори за 12-ти април, тоа го потврдува. Државниот завод за статистика деновиве објави најнов загрижувачки податок: лани бројот на вработените во македонската индустрија опаднал цели 2,4 проценти во однос на бројот што таа го имала во 2018-та година. Тоа значи дека на секои 100 работници имало за два и пол работници помалку. Опаѓање на бројот имало и во претходните години. Што се случува во македонската индустрија, се намалуваат работните места, си заминуваат работниците или нешто трето? На ова одговори пред се треба да даде македонската влада.

Наспроти ова, бројот на административците во земјава упорно се зголемува. Преклани на тој список имало 132.068 вработени, што е за 3.346 државни плати беше повеќе отколку во 2017-та година. Сега, податоците кои се собираат за нивниот вкупен број во 2019 година, сигурно ќе покажат дека ги има за неколку илјади повеќе. Бројот нагло почна да се зголемува откако се најавија вонредните избори. Конкурсите за државни чиновници просто почнаа да фрчат – се бараат референти, советници во кабинети… чии плати ќе се даваат од државниот и општинските буџети. Трендот од наназад неколку години само си продолжува: ако во 2015 официјално имало 128.347 вработени во јавниот сектор во 2018 имаше 4.621 повеќе!?

-Само за два месец во се распишани огласи за вкупнo 4.131 место во јавната администација и државните претпријатија. Фрапантно е што овие огласи се распишале по 6 ноември, кога се обзнани дека ќе се формира техничка влада и ќе има предвремени избори, изјави неодамна Невена Стаменковска Стојковски, заменска министерка во Министерството за информатичко општество и администрација.

Уште повеќе е фрапантно тоа што новите административци ќе бидат плаќани од државниот буџет во ситуација кога и за годинава се планирата големи задолжувања на земјата со странски кредити. Од друга страна, индустриското производство минатиот месец забележало пад од 5,9 отсто во споредба со декември минатата година – најмногу во рударството, преработувачката индустрија, снабдување со енергија… Сето ова го забележуваат и граѓаните кои реагираат.

-Овај тренд секако дека не е добар. Не може вечно да се зголемува администрацијата, а да опаѓа во индустријата. Лекот е единствено во тоа да се запре со примањето на партиски кадри во администрацијата. Тие со тоа ги наградуваат партиските активисти, смета граѓанинот Стевче Каркински.

И Благоја Николовски ни рече дека е поразително да се намалува бројот на индустриските работници.

-Администрацијата е таа која треба да се намалува, а не работнците, никако да се зголемува, потенцира Николовски.

Меѓутоа, проблем е што ваквите ставови и мислења на граѓаните не допираат до оние во партиските штабови и во Владата каде што се носат одлуките за распишување на конкурсите за они што ќе работат во државните и општинските канцеларии…

Ако се намалуваат работниците треба да се намалат и административците

Граѓанинот Ване Калајџиев вели дека, според логиката, штом се намалува бројот на вработените во приватниот сектор, би требало соодветно да се намали бројот на вработените во администрацијата.

-Но не е толку проблемот во бројот на вработените во јавниот сектор (тоа е релативно), туку главниот проблем е вкупната маса на плати што се издвојува од буџетот на државата. Таа маса би требало да се “замрзне”, не само предизборно, туку и на прилично долг рок, а по можност и да се намали вкупната маса на плати од буџетот за администрацијата, потенцира Калајџиев.