Предлог до македонската Влада неодамна донесениот Закон за здруженија на граѓани и фондации да се испрати во Венецијанска комисија ќе достави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој ова го најави на денешната заедничка прес-конференција со бугарскиот колега Николај Милков одржана во Софија.
– Овие законски измени усвоени од Собранието имаат за цел да одговорат и да спречат евентуално саботирање на заедниците од страна на други чинители. Но, ќе кажам јавно, тоа што се оспорени одредени прашања во самиот закон јас ќе предложам до Владата да го прати законот во Венецијанската комисија за таа да каже дали има елементи кои се спорни во тој закон или не, рече Османи.
Османи не одговори конкретно на прашањето дали ќе има официјален македонски клуб во Благоевград, туку говореше дека треба институциите, односно Министерствата за надворешни работи да ја водат соработката и билатералните односи. Тој ги поздрави иницијативите на надлежните институции во зајакнување на соработката на полето на културата меѓу двете земји преку официјалните културно-информативни центри во Скопје и Софија, и посочи дека тоа е вистинскиот начин за културна и општествена промоција.
Во таа насока, одговарајќи на новинарско прашање дали во Благоевград ќе биде отворен и официјален македонски културен центар, Османи кажа оти по однос на ова прашање МНР на двете земји треба да ја водат соработката, за, како што повтори, да не дозволиме други да ни ја киднапираат агендата и да ни наметнат своја агенда.
-Затоа, не случајно спомнав дека културно-информативните центри во Скопје и Софија се начините на кои треба да се општат културите меѓу двете држави. Се разбира, граѓаните имаат право да се здружуваат по секој основа, но тоа мора да биде во духот на пријателството, соработката и добрососедството. Токму тоа сакаме да го промовираме, заклучи министерот Османи.