Османи: Различните историски интерпретации не се говор на омраза

Различните историски интерпретации не смееме да ги ставиме под говор на омраза, изјави денеска Бујар Османи, министер за надворешни работи. На прес-конференцијата по средбата со неговиот португалски колега Жоао Гомес Кравињо Османи рече дека македонското законодавство јасно предвидува што е говор на омраза.

-Под говор на омраза јасно кажува нашето законодавство што е омаловажување поради карактеристики на човек или припадност во група. И мислам дека ако го прошириме тоа во историските интерпретации тогаш мислам дека отвораме токму поле за такви ризици за кои зборуваме дека говорот на омраза ќе се интерпретира во делот на работата на Историската комисија. Очигледно дека сме влезени во еден негативен тренд на односи во коишто бираме кој повеќе тешки зборови за другиот, навредувајќи ги граѓаните па и државите од едната и од другата страна. Мора да ставиме стоп на таквиот тренд доколку сакаме да бидеме пријатели и да бидеме сојузници во ЕУ, рече Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали називот на културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, кој предизвикува негативни чувства кај Македонците, може да биде доведен во контекст на говор на омраза, тој рече дека тоа не е така, туку дека единствено станува збор за историска интерпретација. Според Османи, клубот нема да биде третиран според барањата во Протоколот за промена на натписите на спомениците и останатите објекти, како и деловите од учебниците, кои будат негативни чувства во Бугарија.

Според него, овој протокол, овој договор е потпишан под добра волја и затоа од таков аспект треба да се гледаат и одредбите во делот на следење на говорот на омраза.

– Во Република Бугарија исто така да се следи говорот на омраза. Знаете дека имаше случаи кога после запалениот автобус имаше бугарски граѓанин кој упатуваше навреди кон загинатите во автобусот, бугарската Влада реагираше веднаш со притвор на граѓанинот. Значи, за тој вид на говор на омраза зборуваме со цел да го затвориме тој токсичен круг на односи во коишто сме влезени и да отвориме едно ново поглавје на пријателство, рече Османи.

Тој најави дека во наредните денови планира да се сретне со членовите на Историската комисија.

Претходна вестУсловни казни за седуммина млади кои признаа вина за инцидентите пред Собранието
Следна вестСоветот на Институтот за национална историја: Укажуваме на штетноста на Билатералните протоколи со Бугарија