Остана ли ист бројот на скапо платените владини хонорарци?

Големо беше незадоволството на јавноста во Македонија кога се дозна за огромниот број на скапи хонорарни работници ангажирани во Владата. Не се прифати такво непотребно расфрлање на пари.

И еве од тогаш помина побајаги време, во Владата преземаа ли нешто, го намалија ли бројот на хонорарците? 

Пред првомајско-велигденските празници Владата, како и секој месец, сигурно го затворила платниот список со ангажираните хонорарци. Благодарение на медиумите се дозна дека во декември лани биле ангажирани 58 лица, а во јануари годинава 55 лица за чии услуги месечно се плаќало по околу 37.000 евра од парите на граѓаните. Се дозна и за тоа дека во текот на изминативе две години за ангажирани хонорарци било исплатено околу еден милион евра. Сето ова само се надоврза на исплаќањето на дополнителните 36 советници и надворешни соработници во владиниот кабинет за кои на секој први во месецот одат околу 27.000 евра од владиниот буџет.

Дали такви исплати и на колку вкупно лица ќе следат и понатаму засега не е познато. Од Владата до сега не најавија дека извршиле намалување на бројот на хонорарците кои се ангажираат за да пишуваат соопштенија од пресови, да прават разни студии, организираат продукција, советуваат за борба против Ковид-19, прават графички дизајн, биваат монтажери… не е тешко да се претпостави дека ставката за месец април ќе биде горе-долу иста. А јавноста категорично бараше да се намали и бројот и средствата со кои се плаќаат ваквите ангажирани лица. Меѓу нив, видовме, има и такви кои својот луксузен автомобил „волво“ му го даваат на користење на екс-генералниот секретар на Владата и сега притворениот Драги Рашковски. Тие, се разбира, додека Рашковски се возел, го одржувале информатичкиот систем во Генералниот секретаријат и редовно си земале хорорари…

– Очигледно е дека повеќето се платени за измислени работни задачи кои ќе послужат за покритие на хонорарот, а нивната вистинска активност е сосема друга. Ако ги погледнеме имињата, ќе видиме дека станува збор за дел партиски платеници, но и дел како благодарност и мотивација за медиумска поддршка на работењето на Владата, односно, имаат за задача на креирање на јавно мислење со народни пари, прокоментира неодамна граѓанинот Иван Хаџиевски за „Скопско ехо“ за ваквото ангажирање на хонорарците.

 Ќе остане ли ист бројот, ќе се намали ли, на скапо платените владини хонорарци и советници? Или можеби Владата ќе ангажира уште?

Претходна вестСЗО: Децата да не се вакцинираат сега, побогатите да им дадат вакцини на посиромашните земји
Следна вестДа сум градоначалник на Карпош ќе откупувам парцели за да правам паркови