По повод 80 години од основањето на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна дека ликовната уметност претставува еден од најсилните столбови на културниот и духовниот развој на државата.
Таа нагласи дека „Зимски салон 2026“ не е само изложба на актуелни творечки остварувања, туку простор за идеи, размена и нови перспективи за македонските автори. Според неа, ваквите настани ја зацврстуваат врската меѓу домашната сцена и современите европски и светски текови.
„Уметничкото дело има способност да ги надмине сите граници – географски, политички, па дури и временски. Тоа создава жив дијалог меѓу нашата традиција и глобалните уметнички тенденции“, посочи претседателката.
Во своето обраќање таа потсети на богатото наследство на македонската ликовна сцена – од модернистичките темели поставени од Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, преку експресивната енергија на Петар Мазев и поетската чувствителност на Димитар Кондовски, до новите визуелни јазици и современи изрази што ги создава денешната генерација уметници.



