Осмиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2026 година е официјално отворен и ќе трае до 1 јуни 2026 година. Добитникот ќе биде објавен на 2 септември.
Наградата ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, со цел поддршка на нови авторски гласови во македонската литература.
Право на учество имаат автори со необјавени романи за возрасни, напишани на македонски јазик и со кирилско писмо. Ракописите треба да се достават во електронска форма (Word или PDF документ) на адресата pegaz@arslamina.com.
Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија, составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник на издавачката куќа. Составот на жирито ќе биде објавен дополнително.
„Пегаз“ е откупна награда и се состои од:
90.000 денари парична награда
статуетка
објавување на романот во посебна едиција
Годинашното издание е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес.
Наградата „Пегаз“ е востановена во 2019 година како продолжение на традицијата на наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Таа има за цел да открива нови писателски имиња и да придонесе кон развојот на романот во современата македонска книжевност.
Меѓу досегашните добитници се романите:
„Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019),
„Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020),
„Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021),
„Зелениот дворец“ од Сибо (2022),
„Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова (2023),
„Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024) и
„Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска (2025).
Конкурсот претставува можност за афирмација на нови книжевни гласови и продолжување на континуитетот во поддршката на домашната прозна продукција.



