Ова беа локални или предпарламентарни избори?

Колумна на Габриела Арсова:

Некој ми рече да го патентитрам изразот ПРЕДПАРЛАМЕНТАРНИ избори. Интересна кованица била. Кованицата можеби е интересна, но проблемите од предпарламентарните избори се сериозни. Не може бе мили мои локалните избори да ги претворате во предпарламентарни. Не смеете со големите партиски помпи да ги засенувате личностите зад кои сте застанале. Не може да не е важно кој победил, со каква програма, туку да е важно партијата колку градоначалнички или советнички места добила. Да не е тажно би било смешно!!!

И какви се резултатите од локалните, а всушност предпарламентарни избори? Соодветни! Народот е незадоволен од власта! Замислете!!! Народот излегува на локални избори да го искаже незадоволството од парламентарните избори и извршната власт. Така си е тоа кога локалните избори се фронт за мерење на силите на политичките партии. Факт е дека не ни тече мед и млеко, но факт е и дека локалните избори се организираат за да избереме локална власт. Би требало да гласаме за личности од маалото, од опкружувањето и да веруваме дека истите ќе ни го направат животот полесен, поквалитетен. А ние? Ние на локални (читај – предпарламентарни) избори редовно си гласаме за да го искажеме револтот. Гласаме за ПРОТИВ! Чест за исклучоците. И кандидати. И гласачи.

Победниците соопштуваат дека народот праќа силна пораќа за незадоволство од власта…и тоа е точно. И резултатите го покажуваат несомнениот факт. Противникот е сериозно поразен. Но, дали ќе дојде време кога победниците ќе соопштат дека народот праќа силна порака дека партијата, движењето, заедницата дала поддршка на вистински личности?! Некако логично би било да е така. Чинам и респектот кон избраните би бил поголем. Веројатно и резултатите кои треба да ги испорачаат. Мислам на локално ниво. А сите сме со големи очекувања.

Интересна е ситуацијата кај оние кои ги губат изборите. Овие предпарламентарните. Да. Оној кој ги изгубил изборите може да си даде оставка од позицијата од која ги водел и изгубил изборите. Всушност кој им ја водеше кампањата? Лидерот на партијата? Премиерот? Локалните лидери? Кандидатите со нивните шефови на кампањите? Да се водеа кампањите на локално ниво ќе беше појасно ама кога се водат централно и тоа како предпарламентарни веројатно е и логична оваа нелогичност која ни се случува…

И така… се е измешано. Турли тава. Локалните избори си паднаа во сенка на предпарламентарните. Факт е, нели?

Кои се сега темите?! Кој ќе биде наследникот на премиерската функција? Кој ќе е новиот лидер на партијата? Дали навистина оставката е оставка?  Дали има стабилно мнозинство во Парламентот? Ке има ли ново мнозинство? Ќе има ли предвремени парламентарни избори? Упссс… се локална до локална тема, се во духот на локалните избори.

Почитувани Градоначалници, епа нека ви е со среќа! Ќе треба сериозно треба да се потрудите. Можеби сега е вистинското време Вие да покажете дека сте силни и умешни личности кои ќе испорачаат сериозни резултати и ќе бидете поттик за кандидирање квалитетни личности и на следните локални избори. Успешен мандат Вам, поквалитетен живот нам!

Претходна вестНе инсистирајте вести да гледам – оставка ќе си дадам
Следна вестИзборниот црвен картон е и за министрите Царовска и Филипче