Вториот ден од тест-периодот на системот „Безбеден град“ донел значително помал број регистрирани сообраќајни прекршоци. Според податоците на МВР, на 1 декември биле евидентирани 110.000 прекршоци, додека само еден ден подоцна бројката паднала на 50.652.
Од прекршоците регистрирани на 2 декември, убедливо најмногу се за пречекорување на брзината – 48.861. За поминување на црвено светло биле евидентирани 1.366 прекршоци, а биле откриени и 425 нерегистрирани возила.
Само во текот на вчерашниот ден, за 12 часа биле регистрирани 22.600 прекршоци, од кои околу 21.400 за пребрзо возење. Најголемата измерена брзина во тест-периодот изнесувала 209 km/h, а најниската за која е изречена казна – 51 km/h.
Системот веќе ги идентификувал најкритичните „жешки точки“ во Скопје. Најбрзо се возело на излезот кон Тетово и на булеварот „Никола Карев“, додека најмногу прекршоци за црвено светло се регистрирани на крстосницата меѓу улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“.
Од МВР информираат дека само од полноќ до пладне вчера, на излезот од Скопје кон Тетово биле евидентирани 4.300 прекршоци, а на булеварот „Никола Карев“ 3.000. На истата локација за црвено светло биле регистрирани 45 прекршоци.
Тест-периодот на системот „Безбеден град“ започна на 1 декември и ќе трае до 1 јануари 2026 година. Во тој период автоматизираната контрола ќе работи без изрекување казни.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:



