Пајак возилата како да се натпреваруваат кој повеќе возила ќе собере

Пајакот е најактивниот дел од градската администарција и механизација. Работат турбо. Еве ги податоците од изминатите 10 дена: со специјалните возила „пајак“ се подигнати 433 возила од јавните површини, соопшти Град Скопје.

Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 64 се отстранети од зонските паркиралишта, а преостанатите 369 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице. Во истиот период биле санкционирани вкупно 685 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 64 возила се отстранети со пајак-службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

Слични се активностите и на Пајакот на Општина Центар, каде за една недела има и над 300 возила кои се подигнати или казнети за непрописно паркирање.

Едноставно, како да имаат натпревар, кој повеќе возила ќе собере. Тешка им е битката, има многу несовесни граѓани, а и за жал малку паркинзи низ Скопје. Е, битка кој ќе направи повеќе нови паркинзи, меѓу Град Скопје и општина Центар, нема.