Пак ЕУ ни најави скоро добивање датум кога ќе ни дадат датум

„До крајот на годината“ е најновиот „датум“ кој ЕУ функционерите деновиве интензивно почнаа да го најавуваат како термин за започнување на пристапните преговори на ЕУ и Македонија. Односно, дека се очекува да се најде решение за ултимативните бугарски барања поради кои преговорите никако да започнат. Така,  еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на вчерашната средба со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи рече дека на тоа се работи.

-По изборите во Софија и во Скопје ќе се направат сите напори за решавање на отворените прашања и формално започнување на пристапните преговори со Македонија и Албанија до крајот на оваа година, рече тој.

Слична порака дојде и од шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

– Сакаме првата меѓувладина конференција со Албанија и Македонија да се одржи што е можно поскоро, со надеж дека тоа ќе биде за време на ова претседателство на ЕУ, до крајот на оваа година затоа што ако не го сториме тоа ќе има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ во целиот регион, изјави Борел во својот воведен говор.

Нови пораки и нови ветувања за датум, слични на оние кои што се искажувале и во изминативе месеци. А претходно и со години. Но…

Како ќе биде овојпат останува да се види „до крајот на годината“. Индикативно е тоа што европските функционери, освен што најавуваат дека очекуваат старт на преговори до крајот на декември не спомнуваат на кој начин би се тргнала бугарската блокада? Холандскиот министер за надворешни работи Марк Руте при неодамнешната посета на Скопје ја убедуваше македонската јавност дека „не е точно дека Бугарија е оставена да прави што сака“.

Но, што конкретно ќе направи ЕУ да се надмине проблемот кој го наметна официјалната Софија не се кажува. Дали тоа подразбира дека македонската страна би попуштила во однос на тешките бугарски барања останува да се види? Ако е така, тоа треба да го знае македонската јавност за да има време да се произнесе за таквите решенија. Оттаму, самото најавување нови и нови датуми за давање датуми нема да значи многу за македонската јавност.

Претходна вестРазбојниците се комотни, чудо е што не почнале и полициски станици да ограбуваат
Следна вестИма лек од самокиднапирани пратеници