Home АКТУЕЛНО Пак ли ќе гасат пожари со стариот „ФАП“ или ќе се набави нова опрема?

Пак ли ќе гасат пожари со стариот „ФАП“ или ќе се набави нова опрема?

0
Пак ли ќе гасат пожари со стариот „ФАП“ или ќе се набави нова опрема?

Се сеќавате ли какви страшни пожари имаше летово во шумите во источна Македонија? Се сеќавате како тогаш се утврди дека пожарникарите немаат соодветна опрема и орудија?

Нема долго да чекаме и еве го летото. Се подготвија ли службите за евентуални нови пожари како што прават сите организирани држави?

Пред некое време официјално се соопшти дека во летните пожари биле зафатени вкупно 9.907 хектари од кои 8.803 хектари биле шумите и дека изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса… Се спомна и дека обештетувањето на сопствениците кои претрпеле штета оди бавно, дека се издвоени средства за ново пошумување… и толку.

Но, што стана со набавка на нови противпожарни возила опрема, што се наметна како итна потреба по искуствата со гаснењето. Светот тогаш го обиколија фотографиите на неколкудецении стариот „ФАП“ кој „брзаше“ да ги гасне пожарите некаде во гевгелиско. Пожарникарите од повеќе источни македонски општини беа шокирани кога видоа со каква опрема располагаат пожарниакрите од Словенија, Австрија, Србија…  кои дојдоа да помогнат.

-Не можевме да поверуваме дека има противпожарни возила со сателитско следење на пожарите, со амбулантни возила, со техника за вшмукување вода од пет километри далечина за секое возило. Во цела Македонија нема толку противпожарни црева колку имаат неколку нивни камиони, изјавуваа тогаш македонски пожарникари.

Тогаш на виделина излезе и податокот дека во земјава имаме вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години. Се виде дека во општините Делчево и Кратово возилата се стари во просек 35 години, во Струмица 33, во Битола 31, во Скопје 28… Посебен скандал беше околу противпожарните авиони кои не можеа да се користат за гаснење на пожарите бидејќи не биле сервисирани и таму беа испратени дури откако пожарите завршија!?

Сега, во пресрет на доаѓањето на летната сезона се наметнува прашањето, се направи ли некакво подобрување на состојбата со противпожарната опрема во земјава? Јавноста такви информации, за набавки на нови возила, црева, апарати… не доби.
Во октомври минатата година Владата им наложи на повеќе ресори – Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, Министерството за финансии, Секретаријатот за европски прашања и ЈП „Национални шуми“ – да ги „разгледаат можностите за утврдување извори за финансиски средства од фондовите на ЕУ и од програмите за климатски промени на Светска банка за набавка на комплетна современа опрема, вклучително и специјални теренски возила, за справување со пожари и други природни катастрофи во согласност со предвидените реформи на системот за заштита и спасување“. Што излезе од тоа „разгледување“ и дали се обезбедени, колку средства и за каква намена, јавноста треба да биде информирана. Ако не се успеало во тоа, за што би можел да информира Стојанче Ангелов, првиот човек на Центарот за управување со кризи, тогаш треба да се преземат други мерки за да летните пожари бидат поподготвено дочекани отколку лани.
За почеток, може да следи штедење на набавка на непотребни возила и мебел за функционери распослани по Скопје. За да не се повтори срамот од минатата година кога во екот на пожарите се дозна дека пари по општините немало за противпожарни возила, но имало за набавка на луксузни службени возила. Тогаш се дозна дека само во периодот од 2018 до 2020 години државните и општинските органи купиле вкупно 392 службени возила по цена од 17 илјади евра по возило.
 
Е со тие лимузини пожар не се гасне.