Пак се сетија на ветениот нов универзитетски клинички центар

Изградбата на нов клинички центар ни ја најавуваат периодично со години. Ќе најават, па ќе ги снема, па пак ќе најават ама сега на друга локација, па пак ќе ги снема и се така…

Вчера, на предлог на Министерството за здравство, на владина седница е утврден предлог законот за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“, соопшти Владата.

Со овој закон се уредуваат постапката и условите за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ за изградба и ставање во употреба на комплекс на градби како градби од значење за Републиката.

-Предлог законот за проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ утврдува дека финансиските средства за реализација на овој болнички комплекс ќе се обезбедат од Буџетот на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението.

Познато е, новиот клинички центар ќе се гради во скопската општина Ѓорче Петров за владечаката партија СДСМ најави дека ќе почне да се гради во овој четиригодишен мандат. Се очекува првиот од четирите предвидени блока да биде завршен во наредниве четири години и со што дел од клиниките би се префрлиле на нова локација. Овој центар треба да ги задоволи здравствените потреби на граѓаните во следните 60-70 години. Проценка е дека ќе чини околу 450 милиони евра. 

Наскоро ќе може да процениме дали е ова само уште една најава или навистина овој пат ќе почнат да го градат клиничкиот центар.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ денеска со нови блокади во Скопје: Оставка на Заев, слобода на народот
Следна вестКазнети 334 возачи, 37 од нив си зборувале по телефон додека возеле