Триесет и четири мигранти биле пронајдени во камион во Куманово кој удрил во ограда на куќа. Возачот на возилото избегал, но набргу бил пронајден и уапсен.
Според информациите на МВР, вчера вечер околу 21 и 20 часот на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, во населба Ајдучка чешма во Куманово, полициски службеници дале знак за запирање на товарно моторно „Ивеко“ со скопски регистарски ознаки, но возилото не застанало и продолжило да се движи, по што удрило во ограда на една од куќите и возачот избегал.
Набргу потоа возачот М.Р.(28) од село Баница, струмичко, бил пронајден и приведен.
При преглед во возилото биле пронајдени 34 мигранти од Авганистан, Пакистан и Бангладеш, кои биле спроведени во Транзитен центар Табановце. По целосно расчистување и документирање на случајот против М.Р. ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инаку, за жал оваа појава – шверцерите на мигранти да бегаат од полицијата е многу зачестена и при тоа скоро редовно се случуваат сообраќајни несреќи во кои страдаат лица.