Се уште нема потреба од воведување на мерки за заштита од ширење на корона вирусот, смета микробиологот Никола Пановски. Врзано за порастот на бројот на новозаразените лица во последниот период, кој дневно веќе надминува 200 лица, тој во изјавата за весникот „Нова Македонија“ вели дека сега е потребна претпазливост.
-Додека болниците се празни и нема висок број на хоспитализирани и нема смртни случаи кои настанале како последица од ковид-19 нема потреба од воведување на мерки за заштита од ширење на вирусот. Мерките требаше да се фокусуираат на ризичните групи на луѓе. Во насока на сугестија да не одат на места и хотели со гужви, да стават маска каде што има потреба, односно каде има поголема концетрација на народ, потенцира Пановски.
Во соседните земји ширењето на вирусот се зголемува, особено во Албанија и во Грција и тоа на местата кои важат за турстички центри, а во кои голем број Македонци ги поминуваат своите годишни одмори. Пановски, сепак, смета дека младите лица не треба да се опфаќаат со посебни мерки.
-Младите нема потреба да се ограничуваат, зашто најголем дел од нив, веќе неколку пати го има прележано вирусот. Сепак, ќе видиме каква ќе биде состојбата во наредните месеци. Имаме најмалку по 1.500 случаи на позитивни на дневно ниво. Се тестираат само тие што имаат симптоми и се загрижени за здравјето, посочува Пановски.