Пари има – Македонија може и мора сама да го изгради ХЕЦ „Чебрен“

Одбројувањето до донесување на конечното решение што со стратегискиот хидроенергетски проект ХЕЦ „Чебрен“ започна. Што ќе направи Владата? Ќе остане ли големиот проект во македонски раце?

Вчера проструи веста дека грчката компанија „Архиродон“ не ја продолжила банкарската гаранција за изградбата на хидроцентралата чиј рок истекол на 31 декември. Како што се дознава по налог на министерката Шукова, веќе бил формиран и тим од правници кои ќе ја разгледаат комплетната документација за тендерот и брзо ќе донесат препораки кои треба да бидат следните чекори на надлежните институции во Македонија.

Какви препораки ќе донесат министрите сосе премиерот?

Поголемиот дел од македонската јавност веќе подолго време бара – договорот со грчката фирма да не се потпише, а потоа државните институции да почнат со постапка за подготвување терен Македонија самата да си го изгради стратегискиот проект.

-Сами да си ја направиме и браната и хидроцентралата. Секоја година од буџетот на македонија ако се издвојуваат по 150 милиони евра еве ти ја готова за 7 години. Пари има, и онака се трошеа на непотребни работи или се крадеа, сега нека се потрошат како што треба и Македонија да добие енергетска стабилност, е една од многуте реакции на граѓаните на социјалните мрежи.

Слично, со многу повеќе аргументи минативе два месеци настапуваа и многу македонски енергетски експерти. Тие до Владата (која беше упорна да го даде проектот под концесија од дури 60 години на странци) доставиваа многу дилеми и прашања, со цел министрите да не избрзаат со одлуката.

Се бараше да се одбегне давањето на идната хидроцентрала и на сета вода на долга концесија од цели 60 години. И сето тоа во ситуација кога се знае дека една хидроцентрала максимално се амортизира за половина век. Се бараше да се објасни зошто е мал процент од 33-отстотна сопственост која ќе припадне на Македонија и зошто за тоа не се добива исто толкав процент на струја? Се бараше да се објасни зошто мора да се подари на странците ХЕЦ „Тиквеш“, се бараше…

Но, сега веќе Владата и не мора ништо да објаснува. Само треба да не го потпише договорот и да почне со анализи како Македонија самата да го изгради објектот. Секое друго решение на министрите ќе е избрзано, непромислено.

И, да се разбереме – има пари во буџетот кој народот го полни!

Сите гледаме колкави буџети проектираат и трошат властите низ годиниве. Редно е и нешто капитално да се изгради во корист и за следните генерации во Македонија.

Претходна вестМакедонските војводи биле нетрпеливи: Денот кога се одлучило кревање на Илинденското востание
Следна вестСудски совет ќе ја разгледува пресудата на Управниот суд за разрешувањето на Дамева