Пари за одмор на дете ќе скрпиш, ама ај да те видам извади му полномошно во МВР

Редици родители кои чекаат и по повеќе од еден час за да ги завeрат полномоштвата со кои нивните малолетни деца ќе можат да патуваат во странство со водичи, е секојдневие во објектот на МВР во Македонската телевизија. Така е не само заради летната сезона на одење во детски кампови, курсеви, пракси и слично туку најмногу заради тоа што сите тие барања ги обработува само еден шалтерски работник. А тој, и покрај сета желба и услужност која што ја покажува кон граѓаните, едноставно не може да стаса побрзо да ги обработува барањата и да издава уверенија на шалтерот за инфорамции со број 20.
-Зарем некој од раководните лица во МВР не може да обезбеди барем уште еден шалтерски работник за граѓаните да помалку чекаат, барем во лето кога се најголемите гужви? Малку ли имаат вработени во целото Министерство, коментираа граѓани кои завчера уредно го чекаа својот ред.
Прашањето е сосема на место. Навистина, не може ли МВР во овој период, кога се знае дека ќе има зголемен број на барањата на граѓани, како за овие уверенија, така и за другите документи, да го зголеми бројот на шалтерските службеници? Од околу 10.000 вработени колку ги има во МВР, веројатно, може да се најдат неколкумина кои ќе ги внесуваат барањата во евиденција и ќе удираат печати и ќе ставаат потписи на уверенијата.
Да се наведаме дека одлуката за да се намали чекањето на граѓаните нема да биде донесена во септември…