Парното од денеска поскапува, процентот приклучен на можноста за субвенции од државата

Регулаторната комисија за енергетика денеска ќе одлучува за цената на парното, што зависи од цената на гасот кој е двојно поскап од лани. Марко Бислимовски, директорот на Републичката комисија за енергетика, завчера изјави дека ако се оди според цената на гасот, парното треба да поскапи за 150 отсто.

-Ако зголемувањето на цената се ориентира според поскапувањето на природниот гас, тогаш цената на парно-греењето треба да се зголеми за 150 отсто, но државата ќе преземе мерки на ублажување, рече Бислимовски.

Ситуацијата е дополнително позагрижувачка поради раскинувањето на договорот со Балкан енерџи груп (БЕГ) кој досега беше задолжен за затоплувањето на скопјани. Минатата зима, во јануари годинава, владата привремено го презеде управувањето со БЕГ и ја субвенционираше цената на парното за скопјани. За таа намена државата потроши 6 милиони евра. На парно се греат околу 60 илјади семејства. Откако ѝ ја одзеде лиценцата на БЕГ, Владата пред неколку дена го задолжи ЕСМ да основа три фирми за производство, дистрибуција и за снабдување со топлинска енергија за подрачјето на Град Скопје за да може да го преземе управувањето со парното. Овие три фирми се задолжени да се јават на повикот за преземање на парното. До изборот на нова фирма, БЕГ има обврска да ги снабдува домовите со топлинска енергија.

Дел од медиумите денеска наведуваат дека е можно покачувањето од 1 август да изнесува 15 проценти. Порталот „Фактор“ објави дека на вчерашната подготвителна седница, според она што е објавено на интернет страницата на РКЕ, прифатено е снабдувањето со топлинска енергија за домаќинствата по 2,7795 денари од киловатчас на мерно место.

-Тоа е за 15 проценти повеќе од последната одлука пред половина година кога тогашната нова цена беше дефинирана на 2,4174 денари по киловатчас. За 15 отсто се зголемува цената и за претпријатијата, односно за категоријата останати, и за училиштата, кои и онака до сега плаќаа двојно поскапо од домаќинствата. За нив цената се зголемува од 4,5931 на 5,2810 денари по киловатчас на мерно место, се наведува во информацијата на „Фактор“.

Претходна вестПендаровски: Од соседството ни доаѓаат руски агенти, неколку партии се финансираат од Москва
Следна вестМакедонија донира тенкови на Украина