Парното поскапува за 14,18 проценти

Цената на парното греење од почеток на август ќе се зголеми за 14,18 проценти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика. Парното што се обезбедува во  Железара ќе биде поскапо за 15,5 отсто, а во Скопје Север за 16,31 отсто. Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски образложи дека цела Европа и регионот имаат сериозни проблеми во енергетскиот сектор заради превисоките цени на енергетските ресурси и намалените количини на природен гас што се увезуваат од Русија. Тој наведе податок дека овие неколку дена цената на природниот гас се искачила и до 2. 200 долари за нормален метар кубен а што е цена која што никој не можел да ја предвиди.

-За производство на топлинска енергија користиме увозен природен гас чија цена денес е околу 10 пати повисока од цената во јули 2021 година. Енергетските компании што вршат снабдување со топлинска енергија побараа зголемување на цената и до 78 проценти. Во денешните одлуки зголемувањето на цената за најголемиот број потрошувачи кои се снабдуваат од БЕГ е само 14,18 проценти што се должи на значајната субвенција во цената на топлинската енергија за домаќинствата од страна на Владата, рече Бислимоски.

Тоа значи дека кај просечна сметка за топлинска енергија од 1.800 денари, зголемувањето би било 250 денари.

Се предвидува ТЕ-ТО да обезбеди 70 проценти од потребната топлинска енергија, а 30 проценти да се обезбедат од топланите. Бислимовски рече дека доколку ТЕ-ТО не работи и ако нема субвенции од државата цената би се зголемила за над 100 проценти.

-Доколку не е можно да се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија во ТЕ-ТО и топланите, тогаш сета потребна топлинска енергија ќе мора да се произведе во топланите со користење на мазут, што е многу неповолно од еколошки аспект, и е ризично заради потенцијалната неможност да се обезбедат потребните количини на мазут, рече Бислимоски.

Претходна вестВучиќ: Можеме да им помогнеме на Македонија и Албанија со храна и струја доколку се продлабочи кризата
Следна вестПредупредување од „Паркови и зеленило“: Викендов ќе се сечат опасни 35-метарски тополи на бул. “Борис Трајковски“