Пасошите за криминалците биле со идентитет на нашици од дијаспората

Министерството за внатрешни работи поднело две кривични пријави за 11 лица за издавањето пасоши со украден идентитет. Тие се товарат кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Како што објави ОЈО, 10 од осомничените се вработени во МВР во службите за издавање на пасоши, додека едно лице, (како поттикнувач) е посредик за издавање на 219 вакви пасоши.

Првата кривична пријава се однесува на 215 пасоши кои им биле издадени на странски државјани под туѓ, македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое му била издадена патната исправа. Идентитетот што се користел бил на лица кои  живеат во дијаспората.

Втората пријава, пак, се однесува на 4 издадени пасоши кои му биле издадени на едно лице, при што биле искористени повеќе матични броеви, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со кои тоа лице добивало нов идентитет, но со негова фотографија.

Обвинителството за осум од осомничените, од кои едно е недостапно, бара притвор, додека за две лица мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавуваат кај определно службено лице, привремено одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело.

Еден од осомничените веќе се наоѓа во притвор по претходен предмет за незаконско издавање возачки дозволи.

Претходна вестШилегов: На Скопје не му е потребна нова тешка индустрија во Железара
Следна вестВМРО-ДМПНЕ објави нови документи за аферата со пасошите, ОЈО ќе истражува кој им ги дава