Павле Трајанов: Системот не функционира, Владата е загрозена, вината е кај Заев

Имаме системска грешка во целиот систем кој не функционира, а вината за тоа е кај претседателот на Владата, посочи утринава Павле Трајанов, кој како лидер на Демократски сојуз е дел од владината коалиција. Во изјавата за „Утрински брифинг“ тој рече дека со случувањата околу бегството на Сашо Мијалков е загрозена Владата.

-Со овие случувања загрозена е Владата. Владата е во исклучителна сложена состојба, во криза условно кажано. Kако ќе се менаџира овој процес времето ќе покаже. Jас анализирајќи ги барем досега присутните информации објавени од јавноста, мислам дека ние имаме системска грешка во целиот систем, тој не функционира. А, за нефункционирање на системот првенствено е одговорноста кон Владата, нагласи Трајанов.

Трајанов додаде дека главниот виновник за нефункционирање е првиот човек ма Владата.

-Виновникот е претседателот на Владата, бидејќи тој систем мора да се постави и да функционира, и во услови на криза, и во вакви услови кои навистина личат на криза, бидејќи е загрозена националната безбедност на нашата држава, истакна Трајанов.

Трајанов вели дека институциите не функционираат самостојно и дека се под директна контрола од извршната власт. И поради тоа се случува тешки криминалци да бегаат од земјата.

Инаку, Трајанов веќе неколку пати се конфронтира со политиката која ја води владината коалиција предводена од СДСМ, а тој ја подржува во парламентот. Пред некој ден лидерот на ДС изјави дека Македонија е „високо криминализирана држава“, а се спротивстави и на идејата за воведување на графата за етничка припадност во личните карти. 

Претходна вестДенеска нова пресуда за случајот „Монструм“
Следна вестДневна ковид- статистика: 27 нови пациенти примени во Скопје