Пазарџиите пак се „паркираа“ среде улица поради високите цени на паркингот

Нов протест со блокада на сообраќајот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ одржаа изутринава пазарџиите од Зеленото пазарче. Како и вчера, тие бараат да се намали цената на паркирањето која што „Паркинзи на општина Центар“ неодамна ја зголемија на 70 денари за еден час на 40 или 30 денари. Заради блокадата на оваа прометна сообраќајница се создадоа колони на градските улици, а беше оневозможен и пристапот до корисниците на катната гаража „26 јули“ на оваа улица.

-Ќе протестираме и натаму, секој ден, се додека не ни се исполнат барањата. Со ваква цена на паркирањето не ни се исплаќа да работиме. Ќе почнеме и со блокирањето на влезот на паркингот кај „Автомакедонија“. Никој од надлежните не дојде да разговара со нас, изјавија пазарџиите.

ПОЦ вечера соопшти дека новиот режим на паркирањето околу Зеленото пазарче има за цел да ги задоволи првенствено потребите на жителите, но и да се намалат досегашните злоупотреби од луѓето кои работат на Зелено пазарче. Ова претпријатие порача дека решението треба да се бара и кај „Скопски пазар“ кое таму има и своја парцела.

Но, од „Скопски пазар“ се уште нема никаков одговор на ова. Со тоа граѓаните кои ја користат оваа градска сообраќајница ќе мора да внимаваат дали во наредниве денови ќе ја користат во утринските часови.