Пазарен инспектор ли ќе го разреши пазарот околу рамковно вработените и „војната“ меѓу Заев и Пауновски?

Подготвен е и да го сменат од функција, но не сака да прими луѓе без квалификации. Ваков став вчера зазел директорот на Државен пазарен инспекторат Стојко Пауновски откако ми било наложено да потпише решение за прием на 35 „рамковно вработени“ и откако премиерот Зоран Заев му порачал да го спроведе она што е договорено. Пауновски вчера изјави дека нема да попушти по никоја цена, па и да биде разрешен од функцијата.

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, како дел од К-5 програмата, неодамна реши 35 вработени, кои се дел од 1.400 такви „рамковни вработени“ и кои со години земаа државна плата, а седеа дома, да бидат активирани во овој Инспекторат. Од овие 35 лица само 12 се правници и економисти. Пауновски е категоричен дека нема да вработува луѓе без квалификации

-Испратив писма со аргументи и до премиерот, и до вицепремиерот, во кое детално објаснувам зошто нашата институција не може да ги прифати сите овие 35 вработени, туку можеме да прифатиме само 12 од нив кои имаат квалификации. До сега немам добиено реакција на ова писмо, но можам да потврдам дека ниту премиерот, ниту било кој друг од Владата не ми се јавил да врши притисок врз мене за да го потпишам решението за нивно примање. Јас јавно кажувам дека тоа нема да го потпишам, па и по цена дури и да бидам сменет од функцијата директор на Државниот пазарен инспекторат. Јас сум политички дојден на таа функција и може и политички да бидам сменет, и нема да се лутам за тоа, но нема да попуштам на ниедна сила и тоа да го потпишам. Мора некој да застане на патот на ваквото однесување, дециден е Пауновски во изјавата за Фактор.

Тој додаде уште еден аргумент.

-Претходно, од 305 вработени, само 97 беа инспектори кои одат на терен, а сега од 247 вработени, дури 178 од вработените се инспектори, што значи дека е многу подобрена структурата, односно дури две третини се инспектори кои одат на терен, а една третина се административните работници кои се неопходни за функционирање на институцијата, вели Пауновски и додава дека од овие 35 лица, сите би сакале да работат во администрацијата на Пазарен, а не да бидат инспектори.

На ова вчера реагираше и Зоран Заев.

-Сакам да истакнам порака до сите оние директори што прават отпор, да не прават отпор. Зошто имаат потреба реално, а тоа се наши граѓани и секој ја има шанса чесно да ја работи својата работа односно да работи. Така да испраќам порака пред се до директорот на Државниот пазарен инспекторат којшто е доста гласен, треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведуваат, а не да водиме, така да кажам, јавна војна преку медиумите едни со други. Тоа не ни треба, зошто ова е нешто што народот го очекува од нас, изјави вчера премиерот Заев кој очекува во наредниот период, за 15-20 дена да се најде решение за преостанатите 350 вработени во јавната администрација кои со години не одат на работа, а земаат плата, истакна Заев.

Во наредниве денови ќе се види како ќе се разреши овој конфликт. Можеби е потребен пазарен инспектор за да го разреши пазарот околу рамковно вработените?

Претходна вестФилипче: Опаѓа бројот на новoзаразени, следната недела ќе зборуваме за типот на рестриктивни мерки
Следна вестБројот на хоспитализирани со ковид генерално се намалува, но во Скопје има нови 52