Пчелари заштитете ги пчелите, утре и задутре се прска против комарци

Утре и задутре следи нова етапа прскање против комарци, а ако временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни. Авионски ќе се прска во сабота, а терестрично во недела.
Градските власти истовремено ги известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
За разлика од минатата година првото прскање против ларвите на комарците годинава започнува во периодот кој е колку-толку погоден за тоа. Лани, јавната набавка за прскање против комарци започна уште на 19 февруари, а првото прскање против возрасни комарци се спроведе многу подоцна, на 7 јули. Градоначалникот Петре Шилегов тогаш тврдеше дека доцнењето е затоа што се правела проверка на препаратите со кои се прска и консултација со соодветна здравствена институција околу тоа кое средство треба да се употреби. Поради доцнењето, Скопје беше преполно со комарци за кои не помогнаа наредните прскања, а многумина скопјани беа каснувани од овие инсекти кои можат да бидат преносители и на заразни болести.
Годинава, според условите во јавниот повик се предвидени пет прскања против возрасни форми на комарци, кои треба да се спроведат од мај до септември, а трипати треба да се прска против ларви започнувајќи од март.