Пчелата што ја спасив ме поведе кон патот до светската награда

За тоа каков успех на Македонија и донесоа дивите пчели на Атиџе од филмот „Медена земја“ сите веќе добро знаеме. Но, деновиве мотивот на пчела, пак и донесе големо и значајно признание на нашата земја. Заслужна за тоа е единаесетгодишната Сара Цветкова, шестооделенка од основното училиште „Мирче Ацев“ од Ѓорче Петров. Нејзиниот цртеж-постер со главен мотив – пчелата, планета Земја, девојка и на најразлични овошја и зеленчуци беше прогласен за најдобар во светот од страна на ФАО – Организација за храна и земјоделство на Обединети нации во категорија на ученици од девет до дванаесет години. Оригиналниот цртеж повикува на заштита на пчелите кои се клучни во постигнувањето на целта на акцијата што ја води оваа организација – Свет без глад.

Сара, зад која стојат десетици и десетици награди кои досега ги освојувала на ликовни и литературни конкурси, на натпревари по природни науки и други, ни открива како дошла до инспирацијата за мотивот на пчелата.

-Минатото лето додека се бањав наидов на пчела која беше падната во водата и се бореше да преживее. Ја ставив на дланка и излегов од водата и ја оставив на сувото надевaјќи се да не е доцна. И, за среќа, не беше. Пчелата остана жива, пак полета, а потоа јас знаев дека таа ќе ми биде мотив за постерот на конкурсот што ми претстоеше. Кога во октомври го испратив цртежот не знаев за сите успеси на „Медена земја“. Ова е сосема случајна коинциденција и тие и јас да сме инспирирани од пчелите. За нивното значење знам преку природните науки, преку гледање на научни емисии, ни вели Сара.

Сликарскиот талент на Сара се покажал уште од мали нозе, додека одела во градинка. Таму одела со листови за кои никој не и верувал дека таа ги цртала туку дека ги пресликувала. Во прво одделение кога наставничката им дала задача да го нацртаат на час омилениот јунак од цртаните, кога го видела нејзиниот цртеж сфатила дека не е цртеж на дете туку на ,,сериозен уметник“. И така се нижеле конкурси, секогаш првонаградувана, секогаш со воља и љубов кон она во што се вложува, бидејќи секој цртеж е дел од неа. Интересно е дека во нејзиното потесно семејство немало некој кој и се посветил на ликовната уметност. Таа веќе три години посетува часови во уметничкото студио „Коти“, а сугестиите и дава и наставникот од училиште, Влатко Костовски.

– И кога се има талент потребно е доста време да посветите на вежбањето за да тој дојде до израз. Кога работам на некој цртеж знам да се задржам со часови и денови се додека не го доведам до она што го сметам за совршено. Сакам да сум многу прецизна и детална во творбите кои секогаш имаат некаква симболика, дури и во најнезабележителните делчиња, вели овој сестран талент.

Дилеми на сестраниот ученик
Фактот дека Сара досега има бројни награди освоени на најразлични натпревари прави да таа се уште има дилеми околу тоа на што би се посветила во иднината.

-Навистина е многу рано. Тука е сликањето, тука се природните науки – биологија, тука е математиката, поетското творење… Не можам да кажам на што би му се посветила. Тоа ќе го решам кога ќе дојде моментот за тоа, ни објасни таа.