Пекарите отстапија: Од утре ќе печат леб по 33 денари, но и тужба против државата од 4,5 милион евра

Во продавниците од утре ќе може да се купува белиот и полубелиот леб по цена од 33 денари откако претставници на пекарските прозводители решија да продолжат со прекинатото производство. Но, тие најавуваат и тужба против државата заради нанесената штета со замрзнување на цената.

-Пекарите се согласија одлука од утре да се започне со испорака на одредени видови на леб зависно од можностите на секоја пекарница за да може да се излезе во пресрет пред се на граѓаните, но и да се остане во периодов на погрешни одлуки кои ги носи Владата со несогледливи последици за македонската прехранбена индустрија. Индустријата ќе ги почитува мерките но ќе си ја бара штетата по правен основ, изјави  Горан Малишиќ, претседател на групацијата за мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора на Македонија.

Тој објасни дека ваква одлука донеле по консултации со домашни и странски експерти по одлуките на Владата со кои им беше укината субвенцијата за струја и цената на белиот и полубелиот леб беше замрзната на 33 денари. Експертите утврдиле дека владините одлуки се неуставни и незаконски или донесени без утврдено прекршување на пазарот по Законот за трговија. Спротивно на одлуката, со записниците од инспекторатите Малишиќ вели дека се потврдува дека од 1 декември па се до крајот на февруари се почитуваат сите мерки и претходните одлуки што Владата ги донела.

-По овој основ пекарската здружено ќе почне правна постапка со цел наплата на штетата односно загубата која Владата и ја нанесе на индустријата со донесените одлуки. Штетата до 31 мај, до кога е навестено дека ќе трае одлуката за замрзнување на цените на белиот и полубелиот леб, ќе изнесува над 4,5 милиони евра. Битката за заштита и опстанок на индустријата ќе продолжи на правна основа, најави Малишиќ.

Во продавниците нема бел и полубел леб, откако Владата на 28 февруари ја замрзна цената на 33 денари, а трговците решија да не го произведуваат и да не го носат.

Претходна вестПронајден кокаин во тетовско возило, едно лице приведено
Следна вестСо трактор крадел делови од возови и железничка инфраструктура