Пелистер ќе конкурира на Алпите, само треба да се дадат уште 2-3 ветувања

Пелистер е прекрасен дар од природата. Знае ли Македонија да ја чува и надоградува таа убавина?

Кој и да прошета по оваа неверојатна планина ќе забележи две работи:

  1. Прекрасна шума и воздух.
  2. Заборавен скијачки центар и одамна изгорен планинарски дом.

Едноставно, човекот не го надополнил, туку го нарушил, она што го создала природата. Зошто е така и тоа со години? Не им е малку непријатно на властите кои пред секои избори ветуваат дека скијачкиот центар на Копанки ќе се среди – поднови, а и ќе се реновира тамошниот одамна (скоро деценија) изгорен планинарски дом?

-Бев овде пред три години и истиот опожарен објект го гледам повторно. Ништо не направиле и општината и владата. Барем да се исчистело местото. Моликата и терените се прекрасни, но оваа рушевина се нагрдува и уништува, ни прокоментира пред некој ден планинарка од Скопје која ја затекнавме пред изгорениот планинарски дом.

А ветување имаше многу и тоа одамна:

-Ќе развиваме планински туризам, ќе го реновираме детското одморалиште, ќе го реновираме и планинарскиот дом Копанки, ќе обезбедиме чиста вода за потпелистерските села, изјавуваше во партиските спотови тогашниот кандидат за пратеник, а потоа и министер – Радмила Шекеринска.

Лани министерот за локална самоуправа Горан Милевски по реконструкцијата на ски-лифт на Пониква најави дека на ред се оние на Пелистер и на Кожуф. Се даваа ветувања и од гардоначалничката на Битола, ветуваа и на последните локални избори…

Штета што не може со ветувања да се градат работите, инаку, до сега ќе ги стасавме Австријците и Швајцарците по планински и зимски туризам. А факт е дека Пелистер не заостанува по убавина со тамошните планини.

Претходна вестПо несреќата на камион со 49 мигранти кај Гевгелија: 24 се повредени, од кои 2-ца потешко
Следна вестНеготинец одзел возило од скопјанец, за неколку часа полицијата го фатила