Пендаровски да не биде продолжена рака на Владата и заложник на гласовите на ДУИ

На 12-ти мај ќе биде инаугуриран новиот Претседател на Македонија, Стево Пендаровски. Тој беше избран во вториот круг од изборите каде произлегоа две работи: значително зголемената поддршка за Пендаровски од страна на гласачите Албанци отколку во првиот круг и зајакнувањето на главната опозициска партија во македонските средини. Со првото, веднаш се пофалија и од штабот на ДУИ кои проценија дека на контото на Пендаровски стасале околу 120.000 гласови од нивните поддржувачи.
Како и да е, Пендаровски веднаш по победата изјави дека ќе биде претседател на сите во Македонија.
Тоа скопјани и го очекуваат од него, да нема фаворизирање на едни на сметка на други и да работи за општо добро.
-Не ни треба претседател кој ќе аминува се што доаѓа од Брисел или од македонската влада. Пендаровски мора да мисли дека едвај победи и дека голем дел од населението не е за таков тип на политика како што тој практикувал до сега. Ако сака и тврди дека е за заедништво, тој мора и малку да се менува, за да се доближи до сите во Македонија, вели карпошовецот Славко Велковски.
Но, веќе сега скопјани си го поставуваат прашањето што ќе мора Пендаровски да испорача на ДУИ за гласовите кои ги доби. Тоа, сигурно, ќе остане енигма се до тогаш кога ќе се видат одлуките кои ќе ги носи новиот претседател во рамките на своите ингеренции – при потпишувањето на законите, при именувањето на амбасадорите, во одбраната, во однос на предлагањето на гувернер на НБМ, на судии во Уставен суд…
-Може да се случи да почне да се оддолжува за тие гласови што ги добил. Не знам што има ветено на Албанците. Но, тој самиот кажа дека 102 отсто е ист како премиер Заев што значи дека и нема да се спротивставува на Владата околу одлуките што таа ќе ги носи, ни рече скопјнаката Цвета Тасовска.
Ваквото мислење на оваа граѓанка го отвора и прашањето како новиот претседател ќе се однесува кон она што како закони и одлуки ќе ги носи актуелната Влада преку Собранието. Односно, се отвора прашањето на кохабитацијата меѓу шефот на државата и Владата, а за што имаме различни искуства во нашата досегашна политичка пракса. Сигурно, доколку тој беспоговорно прифаќа се она што ќе му доаѓа како владините одлуки тогаш и ќе ја загуби улогата на своевиден „контролор“ на овој дел од извршната власт. Таква опасност постои со оглед на сличноста во ставовите меѓу него и премиерот. Доколку таква истомисленост и натаму продолжи тогаш, како и во случај на опасноста од враќањето на долгот за решавачките гласови, постои и друга опасност: шефот на државата да биде само продолжена рака на Владата.
Скопјани му порачуваат на Пендаровски да смогне сили и да води промакедонска и посамостојна политика.

Се обврза дека ќе им служи на сите
Новоизбраниот шеф на државата не треба да заборави дека на функцијата што ја обавува тој ги застапува интересите на сите граѓани: и на оние 377.713 граѓани кои на изборите гласале за неговата противкандидатка од опозицијата. Тоа значи дека ќе треба да води сметка и за нивните ставови и барања кои се често сосема спротивни од оние кои во своите одлуки ги преточува Владата. Пендаровски во своето прво обраќање најави дека ќе води смета за сите.

– Победија граѓаните. Свечено сакам да објавам дека ќе им служам посветено на сите. Ќе се залагам за правичност и правна држава, порача тој.