Пендаровски го советува Ковачевски да не оди во Брисел само за да се слика

Јас го советувам премиерот Димитар Ковачвески да не оди во Брисел, само за да се слика таму, изјави синоќа претседателот на државата Стево Пендаровски. Во интервјуто за ТВ 24 тој рече дека во сегашна ситуација македонскиот премиер нема што да бара на самитот ЕУ-Западен Балкан што е закажан во Брисел.

-Јас го советувам премиерот да не оди во Брисел. Пред неколку дена разговаравме на таа тема и мојот совет беше дека ако вака се одвиваат работите и ако Бугарите вчера доставиле пет нови барања, тогаш што бара премиерот таму само за да се слика? Замислете, самит ЕУ-Западен Балкан кога целиот регион, ние пред сè, не напредуваме, само да се сликаме, порача рече Пендаровски.

Инаку, лидерите на Македонија, Србија и Албанија – Ковачевски, Вучиќ и Рама денеска попладне ќе соопштат дали ќе присуствуваат на самитот ЕУ-западен Балкан во четврток во Брисел. Ова било договорено на нивниот вчерашен разговор преку видео-врска.. Ковачевски на фејсбук појасни дека тројцата се согласиле дека по дополнителни интерни консултации, ќе ја донесат финалната одлука за нивното учество на самитот.

Најексплицитен, на твитер беше албанскиот премиер Еди Рама, кој напиша дека се чини дека земјите ќе добијат уште едно „не“ во Брисел.

-Целата Унија киднапирана од Бугарија не е добар спектакл за гледање! Што да бараме таму, напиша Рама на твитер.

Шефот на македонската држава Пендаровски објасни дека Софија сака Бугарите да влезат не само во Преамбулата на Уставот, туку и во нормативниот дел. Но, тој вели дека ниту една заедница во државата не е внесена во нормативниот дел на Уставот, па оттука не е можно да влезат ниту Бугарите.

– Во нормативниот дел на Уставот сега се споменуваат само македонскиот народ, Македонците кои живеат надвор од границите на државата, МПЦ и Исламската верска заедница, посочи Пендаровски.

Софија, вели претседателот, не зборува за „Бугари“, туку за „македонски Бугари“, нешто што е враќање кон „срамната теза“ за дебугаризација на Македонија.

За Пендаровски е неприфатливо во преговарачката рамка со ЕУ да влезат историски прашања и оспорување на јазикот. Тој и порача на Бугарската православна црква дека не може да решава за името на МПЦ-ОА.

-Ја видов одлуката на БПЦ дека ја признаваат црквата на Македонија. Замислете дека безобразието оди до таму, да последната реченица од тоа кусо соопштение вели дека ќе размислиме околу дефинитивното име. Тие велат дека ја признаваат црквата во Македонија, а за нејзиното име ќе размислиме во следниот период. Кои сте вие да размислувате?, изјави Пендаровски во емисијата „24 анализа“.

Претходна вестСилен земјотрес во Авганистан, најмалку 255 жртви, повеќе од 500 повредени…
Следна вестПо 13 години се покачуваат платите во ЈП „Водовод и канализација“