Пендаровски: Кажувањето потврдени историски факти не може да ги наруши македонско-бугарските односи

Претседателот Стево Пендаровски смета дека неговото барање за извинување од Софија за депортацијата на македонските Евреи нема да ги наруши односите помеѓу двете земји. Тој не го менува ставот и покрај остроите критики од бугарските националисти.

-Кажувањето на потврдени историски факти не може на ниту еден начин да ги нарушат македонско-бугарските односи. И гостите кои беа на комеморативниот настан за одбележување 80 години од холокаустот на македонските Евреи, меѓу кои и од Светскиот Еврејски Конгрес, Европскиот Еврејски Конгрес, Еврејската заедница во Република Северна Македонија и „Симон Визентал“ центарот од Виена ги потврдија наводите изнесени во обраќањето на претседателот, велат од неговиот Кабинет за „Макфакс“.

За време на комеморацијата вчера, Пендаровски изјави дека за да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.

-Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?, рече Пендаровски.

Изјавата предизвика голем број реакции во Софија, а меѓу нив и онаа на копретседателот на заедничката историска комисија, Ангел Димитров кој рече дека да се префрла несразмерна вина на Бугарија за депортацијата на Евреите од територијата на денешна Македонија е несериозно.

 

Претходна вестСребро и бронза освоија македонски математичари на 17. Математичка олимпијада за студенти
Следна вестЗапочна исплатата на финансиската поддршка за ранливи категории на граѓани