Пендаровски: Луѓето од 27 април не се терористи, поддржувам повторно отворање на случајот

Луѓето осудени во случајот 27-ми април не се терористи и тој случај треба да се отвори повторно и да се приложат нови докази, бидејќи казните се драконски високи, став е на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски. Тој го кажа ова во синоќешниот настап на емисијата „Само вистина“ наведувајќи дека оние што извршиле физички напади треба да одговараат за претепување.

-Јас луѓето првично ги прашував околу мене за какво кривично дело се гонат, јас знам дека такво кривично дело мислам формулација таква немаше на времето ниту во бивша Југославија, ниту во 90-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, јас тврдам дека тие луѓе не беа терористи, нагласи Пендааровски.

Пендаровски додаде терористи не се ниту оние кои што физички напаѓаа луѓе.

-Тие физички кои што напаѓаа луѓе треба да одговараат за претепување, како што беше за Зијадин Села и Радмила Шекеринска. И за организирање на таков настан 18 години се многу. На Мицкоски изјавата беше на место, единствен начин со кој што можеш да ја расчистиш маглата ако мислиш дека ја има околу целиот тој настан е со нови докази, со нови сведоци евентуално, и да бараш преотворање на случајот. За тоа што јас инсистирам како легалист до смрт ние мораме да одиме по правните процедури, рече Пендаровски.

По овој настап од претседателскиот Кабинет даде изјава за државната агенција МИА во која е наведено дека Пендаровски не планира да даде помилување на осудените лица за настаните врзани со насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Од негиовиот Кабинет појаснија дека тој сугерирал дека доколку некој поседува нови докази, кои можат битно да влијаат врз исходот на постапката, потребно е да ги искористи законски гарантираните вонредни правни лекови што потенцијално може да доведе до обновување на постапката.

-За да не се политизира целата постапка, секој кој евентуално поседува нови докази треба да ги приложи до судот, а не на настанот да му дава политички квалификации. Како легалист председателот Пендаровски смета дека тоа е единствениот правен пат за да се разрешат сомневањата каде што тие постојат, велат од Кабинетот на претседателот за МИА.

Претходна вестДенеска е Велики Петок, денот на строгиот пост во спомен на распнувањето на Исус Христос
Следна вестСкопје го уништија новокомпонирани градежници што градеа „трла“