Пендаровски очекува помош од Европската Комисија за справување енергетската криза

Очекување за помош од Европската Комисија во контекст на европската солидарност во справувањето со кризата, изразил денеска македонскиот претседател Стево Пендаровски. Тој денеска во Софија оствари средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен на која се разговарало за актуелната енергетска криза.

Пендаровски денеска во Софија присуствуваше на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ).

– Интерконекторот отвора нова, сигурна порта за диверзифициран природен гас, не само за земјите домаќини, туку, во крајна линија, и за Југоисточна Европа. Во времето кога светот постепено се опоравуваше од разорните ефекти на пандемијата, неодговорната руска агресија во Украина предизвика енергетска криза со огромно социо-економско влијание, истакна претседателот на државата.

Тој му упати честитки на Азербејџан за конструктивната улога во текот на целиот потфат и ги поздрави Грција и Бугарија, што се подготвени да ја прошират енергетската инфраструктура во нашиот регион.

– Јасно е, колку сме повеќе меѓусебно поврзани, толку поотпорни ќе бидеме на енергетските предизвици од секаков вид. За да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисите и домаќинствата, Северна Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас. Оттука, подготвени сме да ги направиме сите неопходни чекори во таа насока, потенцира Пендаровски.

На настанот покрај Пендаровски, присуствуваа и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателите на Азербејџан и на Србија, Илхам Алијев и Александар Вучиќ и премиерите на Грција и на Романија, Киријакос Мицотакис и Николае-Јонел Чука.

Гасниот интерконектор ИГБ ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близина на градот Стара Загора. Имплементацијата на проектот има за цел да обезбеди диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.

Овој интерконектор за земјава има и дополнително значење, бидејќи ќе ни овозможи пристап и до складиштето за природен гас во Чилен во Бугарија, преку кој може да набавуваме ЛНГ (Лиљуифиед Натурал Гас) од терминалот во грчкиот град Александрополис, а во текот на летото кога е поевтин и да го складираме во Бугарија, со можност да го користиме на зима кога е најпотребен. Диверсификацијата на изворите со природен гас, треба да обезбеди сигурност во снабдувањето со природен гас за земјава на среден и долг рок, како и одлична можност за зголемување на перформансите на домашната економија, која може да биде конкурентна со земјите од регионот.