Пендаровски пак кажа силни зборови, овој пат ќе остане ли зад нив?

Македонија се има изнаслушано многу силни зборови од страна на функционерите кои дебело ги плаќа. Низ годиниве, сите нешто уверуваат дека многу јако ја бранат државата и народот. Ама, Македонија многу често слуша и гледа дека позади зборовите, потоа, нема дела во тој правец, туку не ретко се тера дури и спротивно. Тоа е и големиот проблем во државата.

И сега околу францускиот предлог за давање на датум на Македонија, после кој ќе добиваме датуми кога Бугарија ќе ни кажува што бара – наредува ние да направиме има силни зборови од дел од функционериве.

Неприфаќање, неоснованост, национално тормозење…, сето ова се квалификации со кои шефот на државата Стево Пендаровски вчера го оцени францускиот предлог. Јавноста сега виде и доби објаснување од претседателот дека Софија не бара Бугарите да бидат наведени само во Преамбулата на Уставот, туку и во неговиот нормативен дел.

-Ниту една заедница во државата не е внесена во нормативниот дел на Уставот, па оттука не е можно да влезат ниту Бугарите. Во нормативниот дел на Уставот сега се споменуваат само македонскиот народ, Македонците кои живеат надвор од границите на државата, МПЦ и Исламската верска заедница. Софија не зборува за „Бугари“, туку за „македонски Бугари“…, посочи Пендаровски.

За Пендаровски е неприфатливо во преговарачката рамка со ЕУ да влезат историски прашања и оспорување на јазикот.

Претседателот вели и дека вакви понижувања и потценувања какви што имавме во последниве две години од Бугарија не сме доживеале за 20 години преговори со Грција.

-Ние политичарите од мали држави често пати сме во ситуација да попуштаме, да потклекнеме, но мислам дека изминативе две години вакво национално тормозење од страна на Бугарија кон нас не сме имале во 20 години преговори со Грција, истакна тој.

Патем, му порача и на премиерот Димитар Ковачевски да не оди утре во Брисел на закажаниот самит ЕУ – Западен Балкан.

– Разговаравме на таа тема и мојот совет беше дека ако вака се одвиваат работите и ако Бугарите вчера доставиле пет нови барања, тогаш што бара премиерот таму само за да се слика?, рече Пендаровски.

Силни зборови – нема што. Ќе ги послуша ли премиерот Ковачевски?

Но, се наметнува и едно друго прашање: Ќе остане ли на тие зборови самиот Пендаровски? Единствено исправно ќе биде тие ставови да останат исти и од нив да не се отстапува.

Добро би било Пендаровски да го извлече искуството од досегашните попуштања, а чие постоење тој го потврди во синоќешното интервју. Односно, да се потсети, на пример, што зборувал за промената на името на државата во спорот со Грција кога викаше дека „народот мора да му даде легитимитет на важното прашање за името“, дека за „меѓународното име на државата наместо ФИРОМ, ќе треба да се прашаат сите граѓани“, дека е потребен „консензус“, дека „доколку референдумот за промена на името биде неуспешен тогаш процесот ќе запре тука“…

Сето тоа беа негови силни зборови, сега е време тој да стане посилен.

Претходна вестЛевица бара итна забрана на извозот на огревно дрво
Следна вест110 новозаразени од Ковид – 19, нема починати