Македонските пензионери своите примања за декември ќе ги добијат на 2 јануари. Ова синоќа го соопшти министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
-Редовните пензии се исплаќаат секој први во месецот. Први јануари е неработен ден, така што на втори јануари ќе ги имаат парите на своите трансакциски сметки сите пензионери, рече Тренчевска во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Сите пензионери веќе на вториот ден од новата година ќе може да ги подигнат своите пензии од банкомат.
На 1-ви нема да работат ниту експозитурите на Банките.
Во 2023 година во дел од месеците Владата исплаќаше и порано пензии поради економската и ковид криза.
Од друга страна, Комерцијална банка АД Скопје соопшти дека ќе започне со исплата на пензиите за декември од петок, 29.12.2023 година.
-Пензионерите кои имаат активна дебитна картичка со својата пензија ќе може да располагаат од петок, 29.12.2023 година, и ќе може да ја подигнат на банкомат или да ја користат за безготовинско плаќање низ трговската мрежа. Пензионерите кои не користат дебитна картичка, пензијата од 29.12.2023 година ќе може да ја подигнат во експозитурите и филијалите на Банката, се вели во соопштението.
Се додава дека повеќе филијали и експозитури на Комерцијална банка им овозможуваат на клиентите трансакции преку шалтер до 17 часот, со што бројни шалтери им се достапни со најдолго работно време на пазарот од понеделник до петок.
– А, секако и во сабота, кога филијалите на Банката низ целата земја и повеќе експозитури во Скопје работат од 9 до 12 часот, додека експозитурата во Ист Гејт Мол, пак, е отворена до 14 часот, соопшти Банката.