Пензионерите дисциплинирани: Само до колата на синот претрчав…

Помали гужви пред најпрометните продавници, на улиците, на пазарите, во автобусите… е првиот впечаток кој се наметнува при обиколката на Скопје денеска околу пладне, а во споредбата со вчерашниот ден. Причината е сигурно во стапувањето во сила на одлуката со која на лицата постари од 67 години им се забранува движењето надвор почнувајќи од 11 часот претпладне па до 05 часот изутрина.

-Утрово нагрнаа пензионерите, знаат дека потоа мора да се дома, ни вели една продавачка во Аеродром.

Неколкумина постари кои ги сретнавме пред влезовите на нивните згради ни рекоа дека се излезени само кусо, до кола и гаражите за да завршат некоја работа.

-Излегов само да земам нешто од колата на синот и се враќам веднаш во станот. Знам за забраната и ја разбирам. Само на тој начин можеме да го сопреме ширењето на вирусот. Ние постарите сме најзасегнати, ова е за наше добро и ќе издржиме, ни рече еден пензионер од улицата „Народен фронт“ во Кисела Вода.

Во оваа општина на улиците имаше помал број на возила. Нешто попрометно беше на булеварот “Србија“ кој води кон населбата Аеродром. Забележавме и запрежни коли со кои собирачите на отпад си одеа по контејнери за да соберат фрлени шишиња или хартија.

Празен беше и паркот „Жена-борец“ во центарот на градот кој што е омиленото место на собирање на пензионерите.

Забраната за движење на постари лица придонесе и во продавниците за храна да има помали редици. Во прометните маркети какви што се „Кам“ и “Стокомак“, пак, пред влезовите имаше само по неколку луѓе за разлика од изминативе денови кога имаше и по десетици.

-На крај кога ќе заврши сето ова, имам чуство, дека ќе почне да ни недостига овој ред што е воспоставен сега: на каса да има само еден муштерија, другиот да чека на метро-два далечина, пред влезот да чекаат други граѓани кои влегуваат откако некој ќе заврши со купувањето. Ваков ред треба да се има секој ден. Се плашам дека брзо потоа ќе се вратиме на старите навики, ни рече една продавачка.

Таа сигурно е во право. Но, некои од граѓаните своите навики не ги менуваат ниту во оваа време кога се бара одржување на поголема хигиена, како на личната така и колективната. Во тоа се уверивме и во населбата Аеродром, кај зградите зад ТЦ Капитол. Таму, покрај контејнерите за ѓубре можевме да забележиме и купишта кабаст отпад: делови од мебел, сунѓери, штици, суви гранки… сето тоа беше оставено кај контејнерите. Таков отпад комуналците не можат да го соберат и очигледно ќе треба да чека некои акции. А дотогаш ќе претставува можен извор и на зарази, како да опасноста од корона вирусот не им е доволна…