Пензионерите не попуштаат: Тетовчани половина час го блокираа влезот во градот, бараат покачување од 5.000 денари

Нов протест оддржаа денеска пензионерите кои во Тетово го блокираа влезот во градот од правецот на Скопје и ги повторија барањата за повисоки пензии. Собраните пензионери кои по третпат излегоа на протест половина час го блокираа сообраќајот на влезот во градот на крстосниците кај булеварите „Маршал Тито“ и „Видое Смилевски-Бато“. На протестот тие ги истакнаа повторно барањата за линераното зголемување на пензиите за по 5.000 денари, а минималната пензија да биде 20.000 денари.

Покрај основните барања, пензионерите побараа и да се укине членарината која ја плаќаат во Сојузот на здружението на пензионери на ниво на Македонија, бидејќи како што истакнаа, Сојузот работи спротивно на нивните интереси.

Драган Угриновски Претседател на иницијативен одбор „Пензинери за достоен живот“ изјави дека за протестите во Тетово е карактеристично и добро што протестираат од сите етникуми и што е доказ дека тука нема никаква политика.

-Има напади дека овие протести имаат политичка позадина, но сакам да кажам дека тука нема политика, тука е политиката на пензионерите, тука не врзува сите. Министерката Тренчевска нема слух за нашите барања и се уште таа работна група не е излезена со информации какви мерки ќе се преземат, ние баравме да бидеме вклучени со најмалку два члена во таа работна група, не ни се дозволи, значи се се работи зад затворени врати и немаме никакви информации што е договорено. Со тоа докажуваат дека со политички работи сакаат да купат време и чекаат да го забетонираат сето ова и мислат дека ќе не добијат на кондиција и мислат дека ќе се откажеме. Ќе им порачам на сите дека ние пензионерите нема да се откажеме, ние сме како старо дрво кое има длабоки корени, кое не може никој да го урне, потенцира Угриновски.

Денеска протестираа и пензионерите во Битола, пред зградата на Фондот за ПИОМ при што блокираа и улица во центарот на градот. И тоие побараа линеарно покачување на пензиите од 5000 денари и минималната пензија да изнесува 20.000 денари.

-Наместо три илјади денари, сега бараме да ни се дадат пет илјади денари, и минималната пензија да изнесува 20 илјади денари. Ги повикуваме сите пензионери да излезат на протести, бидејќи за нив се овие протести да им се дадат пензии за, подостоинствен живот. Без разлика на која политичка партија припаѓаат да излезат и да ги поддржат протестите, рече на протестот Пеце Гаштаров член на Иницијативниот одбор.

Протести на пензионери во изминативе денови се одржуваа и во други градови во земјава. На вчерашниот протест во Штип пензионерите излегоа со празни тегли покажувајќи на тој начин дека немале пари ниту за зимница.

-Ова ли е едно општество за сите кога во рацете држиме празни тегли? А зошто? Затоа што со покачувањето од 5,3 отсто на пензиите не можевме да направиме зимница. Госпоѓо Тренчевска по допрен глас слушаме дека ќе имаме зимска помош. Можеби, се однесува на некое новогодишно пакетче кое ќе содржи шал, ракавици и капичка. Ние сме децидни, ви бараме линеарно од 5.000 денари и минимална пензија од 18.000 денари, изјави вчера Соња Арсовска.

Пред пет дена пензионерите од Неготино го блокираа излезот на Неготино откај Гевгелија. Како и на претходните протести тие барата пензионерски права, најниската пензија да биде најмалку 20 илјади денари, линеарното покачување да е по пет илјади денари за секој пензионер.

-Мораме да издржиме и да стоиме на нашите одлуки. Не смееме да се откажеме, нагласи пензионерката Ката Апостолова.

Протест на пензионерите имаше и во Гевгелија каде се порача дека „Со ниски пензии не се живее достоинствено“.

Пензионерите од цела држава на 7 ноември ќе одржат генерален протест во Скопје, на пет места, пред странските амбасади. На следниот состанок на иницијативните одбори во Свети Николе, ќе се одлучува по градови, кои пензионери каде ќе протестираат.

Претходна вест„Комити“ со апел до Арсовска и Славевски: Исплатете ги парите за ФК Вардар или ќе ја радикализираме борбата
Следна вестЌе трае ли демократијата во парламентот само 5 дена?