Пешачките премини со креда ли ги цртаат или некој ги фарба скопјани?

Колкав е векот на траењето на белата боја со која што се обележуваат скопските сообраќајници? Кус, е одоговорот. Особено ако врне дожд. Потврда дека е така, дојде вчера, по врнењето. Скопјани на социјалните мрежи почнаа да објавуваат и фотографии од кои се гледа дека обележаните пешачки премини веќе ја губат белата боја и полека се претопуваат во црната боја на асфалтот. А токму тие пешачки премини беа обележани пред само два месеци. Највпечатливи се фотографиите на фејсбук-групата „Ѕидот на сообраќаен срам“ каде скопјани го покажаа пешачкиот премин кај Сити – мол од кои се гледаат промените кои ги предизвикале вчерашните врнежи.

-И така, со првиот дожд се испра и белата боја со која беше обележана новореконструираната улица пред 2 месеци, се наведува во објавата на една наша сограѓанка.

Ова забелешка предизвика и бројни иронични коментари на други граѓани кои почнаа да ги бараат причините за губењето на белата боја. Па така, еден граѓанин напиша дека причината за тоа била што бојата била „органска“, друг дека причината е што бојата била „Варта, која е еколошка, но е наменета за ѕидови“, трет објави дека е „употребен поликолор“… Некои граѓани сметаат дека ваквата боја се употребува за да што побрзо се распише нов тендер за набавка на боја и дека на „таков начин се ставаат пари во џеб“.

-Што е битно, ние плаќаме, констатира еден скопјанец.

Сепак, за градоначалникот Шилегов треба да е битно што се случува. Кој и како ги фарба пешачките? Ги фарба ли некој скопјани?