Пет работи кои мораше, а не му се случија на Скопје во 2019г.

Заборавени клучните проблеми на градот

Скопје преживеа уште една загубена година кога е во прашање решавањето на клучните проблеми на градот. Поминаа 365 дена, а нема нешто посебно да се одвои дека е сработено, дека ќе остане за наредните генерации… А имаше и мораше многу работи да се сработат. Минимум 20 работи се крајно неопходни за да Скопје стане попристојно место за живеење. Но, трт-мрт, купи ден помини и ете годината помина, проблемите си останаа…, градоначалниците соопштенија праќаат, елки дигитални украсуваат…

А скопјани со кои разговаравме ги потенцираат петте работи кои мораше, не му се случија на Скопје во изминативе дванаесет месеци. 

  1. Немаше сериозна битка против загадувањет                                              „Скопје меѓу најзагадените градови во светот“, „Се уриваат рекорди во загадувањето“, „Не отруја метил-акрил, винил-хлорид, солна киселина“… само се дел од шокантните случувања кои одново потврдија дека во загадувањето на градот е дојдено до опасни граници. Истекувањето на големи-количества на хемикалијата метил-акрил од депото во ОХИС шти ги загрози граѓаните во околината, како и цистерна со уште поопасниот винил-хлорид, потсетија дека не е само опасниот линдан темпирана бомба во кругот на поранешниот хемиски гигант. На ова се надоврза и истекувањето на солна киселина од кругот на поранешната МЗТ. Стравувањата и разочарувањата на граѓаните се врзани и за загадувањето на воздухот кое никако да се намали, освен во деновите кога има ветер…

2.Не се направи ревизија на ДУП-овите

Тепачки, револт, разочарувања… се она што во голема мерка го следеше предлагањето на Деталните урбанистички планови во неколку скопски општини. Вцртување на стотина нови станбени згради во населбата Расадник, исто толку во населбата Хром, на 56 маркички за хотели и 55 за станбени згради во ревидираниот ДУП за Маџир маало, повлекување на ДУП-от за Трнодол заради незадоволството на граѓаните како и физички инцидент на повторната презентација… само се дел од случувањата. Тие како да покажуваат и потврдуваат дека граѓаните не добиваат подобри планови за похумано живеење во населбите. Односно, дека се повторува синдромот на „дебармаализацијата“ и на „аеродромизацијата“ со кој повторно ќе се градат нови населби кои што се пренатрупани со згради…

 3.Градоначалниците не постигнаа работна температура

Отчети кои во ноември ги поднесоа сите скопски градоначалници, по истекот на две години од мандатот, покажаа дека граѓаните се уште не ги добија клучните проекти кои им беа ветени. Се спомнуваа улици, садници, канализации, детски игралишта, тревници, реновирани тоалети, градинки…, како аргументи дека она што го ветиле се исполнува. Самокритика воопшто не се слушна зошто не се барем започнати капитални проекти за да бидат завршени до крајот на мандатите во 2022-ва година. Излегува како да градоначалниците се уште не ја постигнале потребната работна температура…

 4.Скопјани не научија како да возат, полицијата да казни

Скопските улици со години налукуваат на фронт во кој насилници царуваат. Заради тоа не треба да зачудува што и годинава ќе се има една од нацрните години на скопските сообраќајници. Фактот дека во земјава, само за првите шест месеци од годинава загинаа дури 70 лица укажува дека крајниот биланс ќе биде уште полош. Напоредно со ова, граѓаните имаат големи забелешки за односот на полицијата и сметаат дека таа како да дреме кога е во прашање справувањето со дивјачкото возење. Односно, дека низ прсти им се гледа на прекршителите во скапи и лускузни возила, дека им се врши притисок да не казнуваат некого, дека постапуваат селективно… 

5. Нема решение ниту за ѓубрето, ниту за кучиња -скитници

Диви депонии, купишта ѓубре, неисчистени улици… и натаму се грда секојдневна глетка со која се среќаваат граѓаните. Депонии има сосема блиску до живеалиштата на луѓето – во Карпош, во Ѓорче Петров, во Шуто Оризари… а ѓубрето и понатаму се трупа на поранешната градска депонија „Вардариште“ која никако да се ревитализира. Последиците од несовесноста на дел од граѓаните но и неадекватно функционирање на надлежни комунални и инспекциски служби секој ден се се повидливи и понепријатни. Од друга страна, десетици и десетици каснати граѓани од кучиња – скитници и натаму се најтешка последица од нерешавањето на овој градски проблем. Проблемот дури и стана уште потежок бидејќи во април годинава, заради почетокот на реконструкцијата на стационарот „Вардариште“ запреа и работите на стерилизацијата на бездомните животни. Со тоа се овозможи нивното натамошно размножување и проценка на активистите за заштита на животните е дека само за осум месеци бројот на ваквите кучиња се зголемил за најмалку 6.000…

Кои се другите испуштени работи

Освен главните, скопјаните потенцираа и неколку други приоритети кои не се спроведоа или многу малку се спроведуваа:

Намалена и ефикасна градска и општински администрации

Заштита од нови градби и обнова на зеленилото на Водно

Решавање на проблемот со јавниот градски превоз

Зголемување на безбедноста, посебно меѓу младите

Поквалитетна настава во училиштата

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО