Пето издание на „Литера“, Повеќе од 200 илустрации изложени во Музејот на град Скопје

Повеќе од 200 илустрации ќе бидат изложени на 5. Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца ЛИТЕРА 2023 кое утревечер (23 мај) во 19 часот ќе биде отворен во Музејот на град Скопје. Фестивалот годинава ќе се одржи под мотото „Свет со љубов“, а свечено ќе го отвори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Во рамките на петдневната богата програма, Музејот на град Скопје до сабота (27 мај) ќе биде епицентар каде ќе се одржуваат мастеркласови, работилници за професионалци и за деца, промоции, читање сликовници и многу други настани. Н 25 мај (четврток) ќе се одржи и конференција на темата „Македонска современа сликовица“, што ќе започне на пладне.

На ЛИТЕРА 2023 гостуваат тројца врвни илустратори од Хрватска: Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ Врачар и Бранка Холингсворт Нара. Ним им се придружуваат петтемина академски уметници од нашата земја Александар Иванов, Викторија Егорова, Гоце Илиевски, Калиопи Трпчева и Сања Симоска кои се пријавија на конкурсот на фестивалот и беа селектирани за големата изложба. За поддршка на македонската илустрација фестивалот ќе им откупи по едно дело.

Од тимот на ЛИТЕРА 2023 велат дека овој мал јубилеј на фестивалот ќе го одбележат со петдневно славење на професиoналната илустрација наменета за деца, сликовниците и литературата за деца.

– Во тоа ќе ни помогнат тројцата врвни илустратори и креативци од Хрватска. Нивното присуство на фестивалот е особено важно бидејќи преку мастеркласови и предавања своето искуство ќе го пренесат на младите илустратори и сите што сакаат да се занимаваат со оваа професија во нашата земја. Особено ни е важно да ги поддржиме македонските професионални илустратори. Нè радува интересот на авторите кои учествуваа на конкурсот. Тоа е знак дека постои интерес за илустрацијата, но треба да им се даде вистинско место на авторите – велат од тимот на ЛИТЕРА 2023.

Фестивалот „Литера“ е фокусиран на новите генерации. Преку квалитетна илустрација за деца ја развиваме визуелната култура на децата. Концептот на фестивалот е од отворен тип. Повелете во Музејот на град Скопје да ја славиме литература и илустрацијата за деца.

Претходна вестЛоша навика на возачите што го уништува моторот
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Владата купува алкохолни пијалоци за околу 3 милиони денари иако е криза