Home АКТУЕЛНО Писателите од ДПМ разменуваат тешки зборови: Петрески тврди дека бил под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет, дел од членството бара да замине

Писателите од ДПМ разменуваат тешки зборови: Петрески тврди дека бил под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет, дел од членството бара да замине

0
Писателите од ДПМ разменуваат тешки зборови: Петрески тврди дека бил под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет, дел од членството бара да замине

Секоја понатамошната комуникација во врска со актуелната состојба на Друштвото на писателите на Македонија нема да ја продолжам на социјалните мрежи, туку во ДПМ како институција, соопшти денеска Христо Петрески, кој поднесе па ја повлече оставката на чело на македонската писателска организација. Тој вчера соопшти дека ја повлекува неотповиклива оставка којашто неодамна ја поднесе од „здравствени причини“ бидејќи била изнудена.

-По барање на голем број членови на Друштвото на писателите на Македонија ги известувам членовите на Друштвото на писателите на Македонија и медиумите дека ја повлекувам оставката од местото претседател на Друштвото на писателите на Македонија, бидејќи истата беше изнудена поради притисоци, уцени и закани. Во овој миг до ДПМ немам депонирано  моја оставка, објави Петрески.

Тој додаде дека е под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик.

-Подолг период Друштвото на писателите на Македонија како столб на македонската самобитност и идентитет е стожер и борец за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Со најновите организирани напади ДПМ се наоѓа пред притисоци, доведувајќи го во прашање и неговото постоење. За жал, повеќето членови на ДПМ не знаат со што се соочува Друштвото во овие тешки моменти за Македонија и жалам што се доведени во заблуда од поединци. Изјавувам дека како претседател на ДПМ бев и сум под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик. Писателите се вистинскиот браник на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и култура и затоа апелирам и ве молам на најубав начин да ги сочуваме заедно – во одбрана на ДПМ кое има 76 години традиција, или како што би рекол безвремениот Блаже Конески: ,,Јазикот е единствената наша татковина. Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште, вели Петрески во своето јавно обраќање.

Од друга страна, дел од македонските писатели, членови на ДПМ инсистираат Петрески да замине. Писателот Иван Антоновски на Фејсбук објави дека „неотповиклива оставка не може да се повлече“.

-Не е ниту правно возможно, ниту е морално. Па дури и ако е од Христо Петрески! И факсификатот се прави токму кога се објавува јавниот повик од македонските писатели до претседателката на Собранието на ДПМ да не се држи ДПМ во заложништво?! Ова не само што е дел од играриите туку отвора сомнеж и зошто некој толку се плаши од цврстиот став на македонските автори дека манипулациите мора да престанат и дека македонскиот писател мора да го искаже својот став на Воредното изборно собрание. Вонредно изборно собрание за сите раководни позиции и за членови на другите тела на ДПМ мора да има!, побара Антоновски.

Според писателот Живко Гроздановски, Христо Петрески треба да си замине од функцијата.

-Петрески треба да се прифати дека оваа игра е завршена. Дека екскурзијата во раководството на ДПМ е завршена, дека тоа е тоа. Најдобриот (единствениот!) начин да си помогнете себеси и да се извлечете од калта на актуелните случувања во ДПМ е да извршите притисок врз Кристина Николовска да срочи јасен повик на Изборното Собрание – да објави дека ќе се бира Претседател на ДПМ, Претседател на Собрание, членови на Претседателство. Тоа е тоа. Сè друго (како ова денес) е безумие, изгубеност, работење на сопствена штета, објави Гроздановски.

И академик Катица Ќулавкова го повика Петрески да остане на зборот.

-Не се понижувај повеќе Христо. Даде неотповиклива оставка и сочувај барем малку достоинство, остани си на зборот. Рече од здравствени причини, а сите знаеа дека причините се системски и врендосни. Ќе сочуваш барем малку почит ако не се фаќаш за функцијата претседател на ДПМ како сламка за спас. Сите македонски писатели бараат темелни промени на ДПМ и ваша оставка, порача Ќулавкова.