Планинарски марш на Пелистер во чест на Димитар Илиевски Мурато

Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“ во чест и слава на Димитар Илиевски-Мурато, првиот Македонец што се искачи на највисокиот врв на Светот, Еверест, денеска го организира 34. традиционален планинарски марш на кој учествуваат планинари од земјава и странство.

Планинарите до Димев Врв на Пелистер ќе стигнат преку две маршрути, изјави за МИА Диме Попов, претседател на ПСК „Пелистер“-Битола.

-Првата група планинари утрово стартуваше во 7 часот од Инфо центар и ќе се движат до Палиснопје, потоа Ловечка куќа, врв Пелистер и Димев Врв, додека втората маршрута стартуваше од Нижо Поле, потоа преку Дебел Рид, Големо Езеро и Партизански Врв, а на Широко Стапало ќе се спојат двете групи планинари и заеднички продолжуваат до врвот Пелистер, а потоа до Димев Врв. Според востановената традиција, за време на маршот, пред сите учесници ќе потсетиме на ликот и делото на Димитар Илиевски-Мурато и ќе положиме цвеќе пред споменикот на Мурато што се наоѓа во дворот на планинарскиот дом „Копанки“, потврди Попов.

Пред 34 години, на 10 мај 1989 година, битолчанецот Димитар Илиевски Мурато, член на македонската алпинистичко-хималајска експедиција „Еверест 89“, беше првиот македонски алпинист кој се искачи и го освои највисокиот планински врв на светот Монт Еверест висок 8.848 метри.

Претходна вестСтојанче Ангелов: Достоинство ќе го преиспита своето учество во владеачката коалиција
Следна вестШестмина македонски математичари го надминаа и тимскиот рекорд по освоени поени на Балканската математичка олимпијада