Планирањето на сообраќајниците е свртено кон автомобилите, а за пешаците…

Со Бојан Ранташа, велосипедски активист од Здружение на граѓани „Одржливи иницијативи“, зборуваме за трагедиите кои што се случуваат по скопските улции и можноста да се подобри безбедноста на пешаците и на велосипедистите.

Како ја оценувате безбедноста на пешаците и на велосипедистите на градските сообраќајници во Скопје?

-Мислам дека е доволно илустративно да кажам дека јас лично најмногу користам велосипед. Одбегнувам да се движам пеш оти немам каде. Тротоарите се зафатени со возилата и за да ги заобиколите како пешак треба да се движите по коловозот, а тоа е ризично. Како велосипедист се движам по коловозот според прописите. Така е побезбедно, но е на средно ниво на безбедност. И тоа што викаме побезбедно тоа во пракса е ниска безбедност. На улиците не е доволно безбедно да можеме да се чувствуваме сигурни. Последните тешки сообраќајни незгоди се само продолжение на серија на многу жални случувања.

Кога ќе видам колку пешаци и велосипедисти наназад со годинин се прегазени, тоа ни преминува во секојдневие. Тоа ни станува вообичаено, и ние добивме искривен поглед на тоа што е тоа нормалност во сообраќајот. Јас, на пример, доаѓам во ситуација во која одвај ја избегнувам сообраќајна незгода, доаѓам во ситуација некој на улица да може да ме убие, и мене тоа веќе ми станало нормално. Тоа е таа искривена слика на тоа што ни е нормално во сообраќајот по градот. А сите сме свесни дека не треба да е така. Состојбите во сообраќајот се избегани до таа мера што не знам како е можно нешто да се поправи.

Очекувате ли дека со нови раководства по скопските општини и Градот Скопје ќе сега ќе направат нешто повеќе во однос на безбедноста?

-Општините, со мали исклучоци, на овој план до сега имаат многу малку направено. Сите активности главно се направени од страна на Град Скопје и тоа на сообраќајници кои се под негова надлежност. Не ми е познато дека некоја општина направила нешто како инфраструктура. Но, и при градењето на инфраструктурата се среќавате со апсурди. На новата улица која сега се пробива, „Есенинова“ имате типичен пример како надлежните се грижат за безбедноста на пешаците и на велосипедистите. Патеката, во еден дел, се судрува и се стеснува заради еден голем бетонски постамент и тие треба да поминат по „патеката„ широка околу дваесетина сантиметри. Тое е многу јасен пример како се занемаруваат пешаците и велосипедистите. Пораката од тоа е дека пешаците и велосипедистите не се важни. Мене ми е јасно дека состојбите не може да се сменат преку ноќ. Но, кога вака се гради сега тогаш е јасно дека нивната безбедност пак не се зема сериозно туку се води сметка само за автомобилите. Пешаците се веќе трета категорија на учесници во сообраќајот за кои се води грижа.   

 Кои мерки треба да се преземат за поголема безбедност?

-Ќе одговорам илустративно. Треба да се преземат оние мерки, односно, сообраќајна инфраструктура да се конципира така што на автомобилите и на возачите таа ќе им биде исто така нелогична како што име нелогична на пешаците и на велосипедистите. Тогаш ќе ни се случи подобрување. Тогаш граѓаните веќе нема да сметаат дека автомобилот е најдобро средство за превоз и дел од нив ќе почнат да го користат велосипедот. Движење со автомобилот ќе биде со многу пречки и со тоа начинот на превозот во градот ќе почне да се менува.

Инаку, јасно е дека планирањето на сообраќајниците е автоцентрично, свртено само кон автомобилите. Има развој на нова велосипедска инфраструктура, но тоа е се налик на велосипедски острови, неповрзано. За да стигнето од точа „А“ до точка „Б“ треба да поминете преку многу небезбедни делници, односно, велосипедската инфраструктура се уште не е функционално поврзана.

Какви сообраќајници му се потребни на градот за да бидат сигурни. Треба ли нешто да се менува во обуката, во казните или во нешто друго за да немаме инциденти

-Она што е најпотребно е сообраќајот да се доведе до тоа ниво да биде пријатен и сигурен за најмладата генерација, за децата. Кога родител ќе биде сигурен за безбедноста на своето дете, кога ќе биде сигурен дека на патот до училиштето нема да му се случи нешто опасно, тогаш ќе имаме вистинска сообраќајна инфраструктура и безбедност. Тоа треба да ни биде репер за тоа што треба да се направи со сообраќајниците во градот. Прашајте се сами зошто не би го пуштиле детето да оди само на училиште.

Анализа на секоја сообраќајна незгода

-Би го навел и примерот од Холандија. Во таа земја, кога ќе се случи некоја, сообраќајна незгода, редовно се прави анализа зошто таа се случила. Тие тргнуваат од тоа дека човекот не е совршен и дека пропустите, како и инфраструктурата треба да се исправаат. Па, така, ако се утврди дека на некоја делница се вози пребрзо и дека на неа има незгоди, тогаш таму се забавува сообраќајот.

Претходна вестБесплатно разгледување на Скопје и Битола по повод светскиот ден на туристичките водичи
Следна вестДигање тегови ќе гледам, ама вести не гледам!