Home АКТУЕЛНО По 10 години, се чекаше пуштање на патот Кичево – Охрид, но премиерот сега размислува за раскинување на договорот со градителот

По 10 години, се чекаше пуштање на патот Кичево – Охрид, но премиерот сега размислува за раскинување на договорот со градителот

0
По 10 години, се чекаше пуштање на патот Кичево – Охрид, но премиерот сега размислува за раскинување на договорот со градителот

Градењето на автопатот Кичево – Охрид одамна е влезено во легендите. Се нешто се даваат нови термини кога ќе биде завршен и се нешто работата – завршувањето на градбата се одлага. И така со години.

Последниот рок, ветување, за завршување на патот Кичево – Охрид пред граѓаните го соопштија премиерот Димитар Ковачевски и министерот Благој Бочварски. Тие лани (како што потсетува Макфакс) во мај рекоа дека патот ќе биде готов до крајот на 2023 година. Тоа го тврдеа и други министри и велеа дека овој датум е конечен.

Ама, денес, премиерот рече дека изведувачите и тој рок не го исполниле, па поради тоа неопходна е ревизија, која ќе биде основа за носење нова одлука за изведувачот, а не ја исклучи можноста договорот да биде раскинат и да се избере нова фирма, која навистина ќе ја заврши изградбата на патот.

-Недозволиво е еден автопат од 40 километри да се гради веќе над 10 години, сè уште не е направен. Притоа пак да се бара одложување. Јас веќе ги информирав некои од колегите од Владата дека ќе барам ревизија од страна на државната ревизија на овој проект врз основа на која ќе биде носена одлуката. Со оглед на тоа што овој проект 10 години не е завршен од низа причини кои се однесуваат од проектирање до изведба на самиот проект. Сметам дека би требало да се размислува и во насока на раскинување на овој договор и барање изведувач што ќе го направи на квалитетен начин, а не да гледаме 10 години пат што се прави, во кој се инвестираат пари, а досега нема ниту еден метар пуштено автопат на делницата Кичево – Охрид, рече премиерот Ковачевски.

Освен ревизија од државните ревизори, Ковачевски смета дека е неопходна и ревизија од специјализирани компании за начинот на проектирањето.

-Едно е ревизија што би ја направила државната ревизија, меѓутоа исто така во иднина ќе треба да се направи и ревизија на проектирањето, нешто што го прават специјализирани компании за да се види точно зошто се појавувале доцнењата, како се појавувале свлечишта кои не биле проектирани и постојано се одолжувала работата со постојано гласање нови анекси во Собранието, смета премиерот Ковачевски.

Не ги видоа до сега споменатите аномалии во Владата? Зошто порано не се реагирало, се губело време?

И така, ситуацијата околу патот само ја засилува легендата како се гради низ Македонија.

Сепак, среќа за земјата и нас граѓаните е фактот што неколку пати до сега го кажа премиерот Ковачевски: „во Македонија во изминативе пет години Владата предводена од СДСМ и сите коалициски партнери изгради патишта во должина од околу 1.300 километри“.