По бојкотот на приватните превозници ЈСП „Скопје“ ќе продолжи да го извршува јавниот превоз

ЈСП „Скопје“ со сопствен капацитет ќе продолжи да го извршува јавниот превоз откако приватните превозници решија да го бојкотираат јавниот оглас за одржување на пет автобуски линии во градот.

-Градот Скопје даде можност за сите оние кои сакаат чесно и одговорно да работат и заработуваат од јавниот превоз, да се пријават на јавниот повик, соодветно бидејќи нема истакнат интерес ЈСП Скопје продолжува со сопствен капацитет да извршува непречен, навремен и стандардизиран јавен превоз. За оваа година, со цел подобрување на услугите на јавниот превоз, планирано е и дополнително зголемување на капацитетите на ЈСП со нови автобуси, изјавија денеска од Град Скопје за МИА.

Вчера истече рокот за пријавување и на вториот јавен повик за приватните автобуски превозници за линиите 9, 11 и 12, кадешто се бараа 28 автобуси и 59 возачи. Од Град Скопје додаваат  дека останува да се види само евентуално доколку пристигне понуда по пошта. Јавното отворање на понудите, согласно јавниот повик, е закажано за 24 јануари во просториите на Градот.

Приватните превозници вчера соопштија дека ниту еден приватен автобуски превозник не се пријавил и на вториот јавен оглас на Град Скопје за одржување на неколку автобуски линии на градското подрачје. Вчера истече рокот за пријавување за одржување на линиите 9, 11 и 12, а пред една недела заврши без пријавени возачи и огласот за линиите 20 и 22.

Приватните превозници тврдат дека договорите за одржување превоз им биле незаконски раскинати и очекуваат со одлука на Влада да бидат вратени во системот на јавниот градски превоз, а за долгот кој ЈСП го има кон нив да се договорат по пат на медијација, како ќе им биде исплатен.

Претходна вестЕдинаесетта меѓународна научна конференција „Охрид-Водици 2023″
Следна вестПриведени крадци во центарот на Скопје