По дваесет дена потрагата по исчезнатиот Мартин прекинува, но случајот нема да се затвори

Потрагата по Мартин Јовановски кој пред 20 дена исчезна во морето кај грчкото летувалиште Посиди на Халкидики прекинува но случајот нема да се затвори. Ова денеска го објави грчката невладина организација ОФКАТ која досега ја водеше интензивната потрага. Во соопштението се наведува дека со жалење се решиле на овој чекор.

-Денес затвораме 20 дена без Мартин.!!! Напорите за негово лоцирање цело ова време за жал беа неуспешни иако морето, копното и небото ги „измешавме“ со она што имаме на располагање и сите државни органи. Мартин не припаѓа на морето, Мартин припаѓа на копното и мора да се „врати“ таму во одреден момент. Па да го оставиме морето да си ја заврши „работата“ неколку дена со надеж дека во еден момент ќе ни се оддолжи. Сочувствуваме со неговото семејство и затоа нема да дозволиме случајот да се затвори! На мајката Лидија и неговиот брат Горан им ветивме дека ќе го најдеме Мартин. Потрагата сега продолжува на „второ“ ниво, објави ОФКАТ на својата страница на Фејсбук.

Во потрагата по Мартин, кој исчезна откако со своите пријатели влезе во морето, беа авиони, кучиња трагачи, дронови и голем број на волонтери од Грција и од Македонија. Двајцата другари на Мартин беа пронајдени набргу, односно 20 часа откако морските струи ги повлекоа во морето во Посеиди на Халкидики. Претходната недела мал знак на надеж дадоа најдени панталони како оние кои ги носел Мартин последниот ден пред да исчезне.

Претходна вестТриесетина интервенции на ЈП „Паркови и зеленило“ по вчерашното невреме
Следна вестВМРО-ДПМНЕ со пријава до Антикорупциска, Ацевски ги повика институциите да ја истражат набавката на битумен